Дали „Умри машки“ е божиќен филм?

Точка

24/12/2025

21:46

293

Големина на фонт

а а а

Со години, во време на празниците повторно се отвора расправата околу овој филм. Едни сметаат дека „Умри машки“ е божиќен филм, други велат дека единственото што го поврзува со Божиќ е времето во кое се одвива дејството. А ниту самите автори не можат да се усогласат!

Дали акцискиот класик „Умри машки“ од 1988 година е божиќен филм? За едни, тоа е неоспорен дел од празничниот канон – филм што се гледа секоја година покрај елката и светилките. За други, тоа е врвен акциски трилер кој, ете, случајно се случува на Бадник. Аргументи има и од едната и од другата страна…

Зошто „Умри машки“ е божиќен филм

Поддржувачите на тезата дека „Умри машки“ е божиќен филм имаат низа цврсти аргументи, а првиот и најочигледен е самата приказна. Целиот филм се одвива на Бадник, за време на канцелариска божиќна забава во зградата „Nakatomi Plaza“ во Лос Анџелес. Полицаецот Џон Меклејн (Брус Вилис) не доаѓа во градот за да се бори со терористи, туку со надеж дека ќе се помири со својата отуѓена сопруга Холи токму за празникот. Токму таа семејна приказна за искупување и повторно зближување е сржта на многу класични божиќни филмови. Дури и името на сопругата – Холи (Света) – носи очигледна празнична симболика.

Музичката подлога дополнително го зацврстува божиќниот статус на филмот. Од воведната сцена во авионот па сè до одјавната шпица, филмот е исполнет со божиќни класици како „Let It Snow! Let It Snow! Let It Snow!“ и „Christmas in Hollis“ од групата „Run-D.M.C.“. Композиторот Мајкл Камен во својата оригинална музика вешто вметнал и ѕвончиња, создавајќи препознатлива празнична атмосфера дури и во најтензичните сцени.

Тука се и неизбежните визуелни елементи: божиќни елки, украси, па дури и капата на Дедо Мраз која Меклејн ја става на еден од неутрализираните терористи со легендарната порака: „Сега имам митралез. Хо-хо-хо.“ Кулминацијата на филмот, во која Меклејн го надмудрува Ханс Грубер користејќи леплива лента за пакување подароци, дефинитивно е момент што може да се случи само за време на Божиќ.


Зошто „Умри машки“ не е божиќен филм

Од друга страна, противниците на оваа теза истакнуваат дека „Умри машки“ во својата суштина нема ништо заедничко со топлиот и семеен дух што го поврзуваме со празничните филмови. Станува збор за многу насилен акциски трилер со ознака „R“, преполн со пцости, експлозии и крв, што драстично го разликува од филмови како „Сам дома“.

Често се наведува и аргументот дека филмот премиерно бил прикажан средлето, во јули 1988 година, а не за време на празничната сезона, што сугерира дека ни самото студио не го гледало како божиќен производ. Дополнително, му недостигаат класични божиќни мотиви: нема Дедо Мраз (освен во циничната порака на Меклејн), нема ирваси, џуџиња, па дури ни снег.

На крајот од филмот, додека свири „Let It Snow“, од небото не паѓаат снегулки, туку канцелариска хартија од уништената зграда. Приказната, тврдат многумина, со мали измени би можела да се одвива и за време на кој било друг празник, без да се смени нејзината суштина.


Ни самите автори не се согласуваат

Расправа дополнително ја комплицира фактот што ниту луѓето зад филмот немаат единствен став. Сценаристот Стивен Е. Де Соуза цврсто стои на страната на оние што го сметаат за божиќен филм. На „Twitter“ еднаш потврди: „Да, ’Умри машки‘ е божиќен филм, бидејќи студиото ја одби мојата верзија што се одвиваше за Пурим.“

Од друга страна, режисерот Џон МекТирнан понуди поинаков одговор. Призна дека првично не го замислувале како божиќен филм, но додаде: „Радоста што произлезе од него го претвори во божиќен филм.“


Сепак, главниот актер има сосема поинакво мислење. За време на својот „roast“ на „Comedy Central“ во 2018 година, Брус Вилис на крајот од говорот гласно изјави: „’Умри машки‘ не е божиќен филм! Тоа е проклето добар филм на Брус Вилис!“ Таа изјава стана главното оружје на таборот „против“.

Во прилог на тоа оди и неодамна објавеното истражување на британскиот Одбор за филмска класификација. Во него учествувале 2.000 испитаници, а 44 отсто рекле дека „Умри машки“ не спаѓа во божиќни филмови. За неговата „празнична репутација“ гласале 38 отсто. Неодамна дури и Меколи Калкин, актерот што се прослави со улогата во „вистинскиот“ божиќен филм „Сам дома“, изјави дека „Умри машки“ не е божиќен филм. Но, публиката тогаш не се согласи баш со него!

А вие, што мислите?