Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун присуствувал на церемонијата на отворање хотели во туристичката зона во придружба на неговата ќерка Џу Ае и го пофалил економскиот напредок на земјата пред клучниот партиски конгрес што ќе се одржи на почетокот од 2026 година.
Пет хотели биле отворени во саботата и неделата во севернокорејската туристичката зона Самџијон, во североисточниот дел од Корејскиот Полуостров во близина на границата со Кина, објави во вторник државната новинска агенција „KCNA“.


Ким во саботата бил во обиколка на луксузни хотели со Џу Ае, според фотографиите објавени од државните медиуми. Инаку според некои аналитичари Џу Ае се смета за фаворитка да го наследи својот татко на чело на Северна Кореја, а токму овие заеднички моменти на Ким и Џу Ае пред државните медиуми ја потврдуваат таа теза.

Ким рекол дека хотелите се „јасен доказ за растечкиот статус на нашиот народ и потенцијалот за развој на нашата земја“, пренесе „KCNA“.
Севернокорејскиот лидер присуствувал на неколку церемонии по повод отворањето на погони во изминатиот месец. Само минатата недела, тој присуствувал на отворањето на три регионални фабрики.
Северна Кореја треба да го одржи својот прв партиски конгрес по пет години на почетокот од 2026 година, на кој се очекува претставување на нов петгодишен план за развој. Државните медиуми како што е „Родонг Синмун“ повикаа на масовен јавен напор за завршување на големите проекти пред собирот.







