Тајланд и Камбоџа најавија нови преговори за прекин на огнот

Макфакс

22/12/2025

13:19

117

Големина на фонт

а а а

Тајланд и Камбоџа најавија нови преговори за прекин на огнот откога смртоносните погранични судири влегоа во третата недела. Средбата на официјални претставници е најавена за следната недела со цел да се постигне траен прекин на борбите, пренесе Би-би-си.

Според тајландскиот министер за надворешни работи, Сихасак Фуангкеткеов, претходното примирје од јули било избрзано бидејќи САД инсистирале договорот да биде потпишан пред посетата на тогашниот американски претседател Доналд Трамп. Тој најави дека воените претставници на двете земји ќе се сретнат на 24 декември пред евентуален нов договор. Камбоџа засега не се огласи.

Во обновените борби, кои вклучуваат артилериски напади и воздушни удари по должината на границата долга речиси 800 километри, загинале најмалку 41 лице, а приближно 900.000 луѓе биле раселени од двете страни на границата.

Ескалацијата предизвика загриженост и во регионот, при што на состанок на АСЕАН беше повикано на итно смирување на состојбата. Во посредувањето се вклучени и САД и Кина.

Судирите меѓу Тајланд и Камбоџа траат повеќе од еден век, а последното примирје, постигнато по посредството на Малезија и САД, се распадна на почетокот на декември по што двете страни меѓусебно се обвинија за ново разгорување на борбите.