„Недозволиво и крајно алармантно е што општинските власти и понатаму молчат, иако е утврдено дека објектот „Зимзоленд“ работи без соодветна дозвола. И покрај ова, објектот сè уште е отворен и секојдневно посетуван од деца и семејства, без никаква реакција од општинските власти“, велат од партијата Левица.
„Фактот што станува збор за објект наменет за најмладите ја прави состојбата уште посериозна. Наместо итна интервенција и постапување согласно законските обврски, општината избира молк и неактивност, со што директно се доведува во прашање безбедноста на граѓаните, особено на децата.
Законот мора да важи еднакво за сите, без исклучоци и привилегии. Секое одложување на постапката претставува преземање на ризик и префрлање на одговорноста, која во случај на несреќа нема да може да се избегне.
Бараме итна интервенција од надлежните служби и затворање на објектот сè додека не се обезбедат сите потребни дозволи и безбедносни услови. Молкот на општината во вакви случаи ја прави истата соучесник во криминалот“, се додава во соопштението на партијата Левица.







