Иако се оддалечени само 70 километри, Самоа и Американска Самоа Новата година ја слават со разлика од 25 часа

Точка

20/12/2025

16:46

264

Големина на фонт

а а а

Додека повеќето луѓе ја слават Новата година еднаш, има и такви што ја слават двапати.

Причината за ова не е патувањето низ времето, туку невидлива линија што ги сече океаните и одредува кога започнува нов календарски ден.

Земјата е поделена на 24 главни временски зони, но нивните граници не се правилни. Тие се виткаат и се приспособуваат на земјите и регионите, а клучна улога во оваа поделба игра меѓународната датумска линија, имагинарна граница што го означува почетокот на новиот ден и се протега од исток кон запад.

Одговорот на прашањето кој прв ќе ја дочека Новата година води до Кирибати, мала островска нација со приближно 120.000 жители. Иако непозната за многумина, оваа земја има привилегија да биде првата што ја дочекува новата година. Во нејзините населби со необични имиња како што се Банана, Лондон и Париз, огнометите и прославите започнуваат порано од кое било друго место на планетата.

Меѓународната датумска линија некогаш го пресекувала Кирибати, што значело дека жителите на истата земја живееле во различни календарски денови.

За да се избегне ситуацијата каде што главниот град и другите населби би имале разлика од цели 24 часа, линијата била поместена за неколку илјади километри, поради што денес изгледа необично закривено.


По Кирибати, Новата година пристигнува во Нов Зеланд, потоа во Австралија и Азија, а потоа полека се движи кон Европа и Африка. Само неколку часа подоцна стигнува до Северна и Јужна Америка. Кога поголемиот дел од светот веќе живее во новата година, прославата конечно стигнува до последното населено место, а тоа е Американска Самоа.

Американска Самоа е територија на Соединетите Американски Држави, а особено е интересно што само на 70 километри оддалеченост, од другата страна на меѓународната датумска линија, се наоѓа независната држава Самоа. Меѓутоа и покрај малата оддалеченост меѓу нив има временска разлика од дури 25 часа.


Поради ова, некои ја користат ретката можност прво да ја дочекаат Новата година во Самоа, а потоа со брод или авион да отпатуваат до Американска Самоа и повторно да ја прослават, практично враќајќи се еден ден назад.

Исто така, постојат места каде што Новата година доаѓа уште подоцна. Островите Бејкер и Хауланд, исто така американски територии, ја дочекуваат еден час по Американска Самоа. Сепак, бидејќи се ненаселени, единствените „славеници“ таму се птиците.