Бурата Ермино со силни ветрови и поплави погоди делови од Грција, а противпожарните служби потврдија дека еден маж загинал во близина на главниот град Атина.
Тој бил пронајден под автомобил во областа Неа Макри наутро на 2 април, соопштија властите.
Во меѓувреме, поради пустинскиот песок пристигнат од Африка, небото над Крит, еден од најголемите медитерански острови, доби црвено-портокалова боја.

Поради тоа, на 1 април дел од летовите на Крит беа прекинати.
Метеоролозите прогнозираат дека количината на честички прашина ќе се намали, но во многу региони се преземени безбедносни мерки поради влијанието на бурата Ермино.

На Крит е во сила црвено предупредување, особено во западниот и јужниот дел на островот.
Противпожарната служба примила 674 повици за помош во периодот од 1 до 2 април.

Најголем дел од повиците доаѓаат од регионот Атика, во кој се наоѓа и Атина, а граѓаните најчесто пријавувале паднати дрвја.
Поради силните ветрови, траектите останаа закотвени во пристаништата, но дел од нив би можеле да испловат доколку временските услови се подобрат, пренесуваат грчките медиуми.
На островот Порос, во централна Грција, се урнал мост.





ФОТО: REUTERS, Стефанос Рапанис












