Ахмед ал-Ахмед, 43-годишен продавач на овошје со сириско потекло, стана национален херој откако храбро интервенираше во текот на смртоносното пукање на плажата Бондај минатата недела.
Додека закрепнува од сериозни повреди во болница, илјадници луѓе му изразиле поддршка преку донации кои надминале 2,5 милиони долари, пишува „Unilad“.
Во еден од најмрачните моменти во поновата австралиска историја, пред четири дена два вооружени напаѓачи отворија оган на преполната плажа Бондај во Сиднеј. Ахмед реагирал без двоумење и успеал да го совлада и разоружа еден од напаѓачите, а многумина веруваат дека со тој чин спасил безброј животи. Во нападот загинаа 15 лица, како и еден од напаѓачите, 50-годишниот Саџид Акрам. За време на својата херојска акција, Ахмед бил двапати ранет.
Снимката од неговиот храбар чин брзо стана вирална, поттикнувајќи отпочнување на „GoFundMe“ кампања која собра повеќе од 42.000 донации. Неговиот адвокат Сем Иса денес извести за „Australian Broadcasting Corporation“ (ABC) за здравствената состојба на Ахмед.
Ахмед се обрати на јавноста од болничкиот кревет
Потврди дека Ахмед бил подложен на „многу сложена операција“ поради „оштетување на нервите“ и дека „денес, природно, чувствува голема непријатност“. Додаде дека овој татко на две деца се подготвува за уште една, 8-часовна операција која го очекува следниот ден.
На почетокот на оваа недела, Ахмед за првпат се обрати на јавноста од својот болнички кревет. Во снимката објавена од турската јавна телевизија „TRT World“, се обратил на арапски. „Го ценам трудот на сите. Нека ве награди Алах и нека ви подари благосостојба.
Ако даде Бог, ќе ви се вратиме со радост. Ви благодарам за вашите напори. Пројдов низ многу тежок период, само Алах го знае тоа… Ја молам мојата мајка, зеницата на моето око, да се моли за мене“, порача тој. Ахмед во болницата го посетиле и највисоките австралиски функционери.
Премиерот Албанезе: Овој човек е вистински херој
„Многу сте силни. Вашето срце е силно. Вашата храброст е инспиративна“, му порача премиерот Ентони Албанезе. Премиерот на Нов Јужен Велс исто така го посетил. „Ова е најневеројатната сцена што сум ја видел некогаш.
Човек кој му приоѓа на вооружен напаѓач кој пука на заедницата и самиот го разоружува, ризикувајќи го својот живот за да спаси безброј животи на други луѓе. Овој човек е вистински херој. Немам сомнеж дека многу, многу луѓе вечерва се живи благодарение на неговата храброст“, изјави тој.
Во меѓувреме, полицијата покрена обвинение против преживеаниот осомничен, 24-годишниот Навид Акрам. Тој се товари за 59 кривични дела, вклучувајќи 15 точки за убиство, извршување терористички чин, 40 точки за нанесување тешки телесни повреди со намера за убиство, како и за поставување експлозив и јавно истакнување симболи на забранета терористичка организација.














