Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ајде одговори на бранот критики што се појавија во британската јавност во врска со елката што Норвешка традиционално му ја донира на Лондон и која беше поставена на плоштадот Трафалгар.
Во некои британски медиуми и на социјалните мрежи изгледот на елката беше оценет како разочарувачки, со иронични споредби со тажен кактус и тврдења дека елката изгледа како да е зафатена од торнадо. Сепак, Ајде нагласи дека станува збор за симбол, чија вредност далеку ги надминува естетските впечатоци.
Тој потсети дека елката е непроценлив подарок и дел од традицијата што трае од 1947 година кога Норвешка првпат ѝ ја подари елката на Велика Британија како знак на благодарност за нејзината поддршка за време на Втората светска војна. Според него, елката е исто така симбол на долгорочно партнерство и пријателски односи меѓу двете земји.
„Многу се гордееме на нашата елка и на оваа традиција“, рече Ајде нагласувајќи дека значењето на овој гест не може да се мери само со визуелни впечатоци.






