Што е „флота на духови“ со која Венецуела ги заобиколува нафтените санкции?

Точка

17/12/2025

22:27

670

Големина на фонт

а а а

Напнатоста меѓу САД и Венецуела достигна нова точка на вриење откако претседателот Доналд Трамп наредил поморска блокада за да ги спречи санкционираните танкери да влегуваат и излегуваат од таа јужноамериканска земја.

Венецуела, држава со најголеми докажани резерви на нафта во светот, во голема мера зависи од приходите од извоз на нафта, но американските санкции ја принудија владата за продажба да се потпира на таинствена флота на т.н. „бродови духови“, пишува „BBC News Mundo“.

Целосна блокада како одговор на „флотата на духови“

Според податоците на порталот „TankerTrackers.com“ минатата недела повеќе од 30 од 80-те бродови во венецуелски води биле под американски санкции. Токму тие бродови ги цели претседателот Трамп, кој во понеделник на социјалната мрежа „Truth Social“ најави „целосна и сеопфатна блокада на сите санкционирани танкери за нафта која влегува и излегува во Венецуела“.


Оваа објава следуваше помалку од една недела откако САД во близина на брегот на Венецуела заплени танкер за кој се верува дека е дел од „флотата на духови“ и кој користел разни стратегии за прикривање на своите активности.

Трамп ѝ воведе санкции на венецуелската нафтена индустрија уште во 2019 година. Иако тогаш извозот паднал за повеќе од половина, шест години подоцна Венецуела повторно извезува околу 920.000 барели дневно. Иако тоа е далеку од рекордните три милиони барели дневно од 1998 година, делумното закрепнување укажува на тоа дека владата на Николас Мадуро пронашла нови начини за продажба на нафтата, а „флотата на духови“ е во центарот на тие операции.

Тактики што ги користат Русија и Иран

„Флотите на духови“ се растечки феномен што, покрај Венецуела го користат и други две земји произведувачи на нафта кои се под западни санкции – Русија и Иран. Финансиско-разузнавачката компанија „S&P Global“ проценува дека еден од пет танкери за нафта ширум светот се користат за шверцување нафта од санкционираните земји. Од нив 10% превезуваат исклучиво венецуелска нафта, 20% иранска, додека 50% се посветени на руската нафта. За да ги привлечат купувачите подготвени на ризик, санкционираните земји ја нудат својата нафта со големи попусти, притоа користејќи разни трикови за прикривање на нејзиното потекло.

Лажни знамиња, промена на имиња и „зомби бродови“

Една од најчестите стратегии е често менување на имиња или знамиња на бодовите, понекогаш и неколку пати месечно. „Tanker The Skipper“ запленет минатата недела порано се викал Адиса, а изворно Тојо.

Бродот е под санкции на американското Министерство за финансии од 2022 година и се поврзува со мрежа за шверцување нафта која помага во финансирање на иранската Револуционерна гарда. Уште една заедничка карактеристика на овие танкери е староста – „The Skipper“ е стар 20 години, додека бродовите вообичаено се повлекуваат по 15 години.


Вториот трик е кражба на идентитетот на неисправни бродови познати како „бродови зомби“. Минатиот април бродот наречен Варада пристигнал во Малезија по двомесечно патување од Венецуела, што предизвика сомнеж бидејќи бродот бил стар 32 години. Истрагата на „Bloomberg“ открила дека се работело за „брод зомби“ бидејќи вистинскиот брод Варада бил повлечен во Бангладеш уште во 2017 година.

Вообичаените тактики вклучуваат преточување на сурова нафта во меѓународни води до легални танкери и исклучување или лажирање на сигналите од Системот за автоматска идентификација (AIS) за да се скрие локацијата и идентитетот на бродот. Се верува дека капетанот „The Skipper“ „долго време ја лажирал својата позиција“ со пренесување лажен сигнал.

Американска воена моќ на Карибите

Извештајот на невладината организација „Transparencia Venezuela“ од октомври откри дека во пристаништата на венецуелската државна нафтена компанија „PDVSA“ се наоѓале 71 странски танкер – од кои 15 биле под санкции, а девет биле поврзани со „флотата на духови“. Утврдено е дека уште 24 танкери тајно делувале. Повеќето пловеле под знамињата на Панама, Комори и Малта, земји кои се сметаат за регулаторен рај.


Со оглед на тоа дека во операцијата за заплена од 10-ти декември учествувал и носачот на авиони „USS Gerald Ford“ – најголемиот во светот – кој сега е дел од масовното американско воено распоредување во карипски води, способноста на Мадуро да се потпира врз „флотата на духови“ веројатно ќе биде значително ограничена.