„Porsche“ отворено признава: Кинеските автомобили напредуваат со неверојатна брзина

Точка

17/12/2025

14:20

479

Големина на фонт

а а а

„Porsche“ во Кина минува низ најтешкиот период во последната деценија. Продажбата во 2024 година падна за 28 отсто, а негативниот тренд продолжи и оваа година. Поради тоа, компанијата ја активира стратегијата „Winning Back China“, но отворено признава дека враќањето на старите бројки не е реално.

Директорот на „Porsche“ за Кина, Александар Полих, изјави за „Automobilwoche“ дека кинеските производители достигнале неверојатно темпо на иновации и го преплавиле пазарот со електрични лимузини во сите ценовни сегменти.

Според неговите зборови, конкуренцијата расте од ден на ден, а купувачите сè почесто се одлучуваат за домашни модели.

Покрај силната конкуренција, „Porsche“ беше погоден и од намалувањето на прагот за луксузен данок, кој е спуштен на 900.000 јуани (околу 108.000 евра).


Поради тоа, нивните модели станаа уште поскапи и помалку достапни, па компанијата го намалува бројот на салони – од 150 на само 80 до крајот на следната година.

Со цел да ги врати купувачите, „Porsche“ повторно се врти кон моторите со внатрешно согорување. Новиот „Macan“ повторно ќе пристигне како бензински модел, а планираниот голем „SUV“ со три реда седишта, првично замислен како електричен, исто така ќе дебитира со „SUS“ мотори.

Електричните модели како „Cayenne Electric“ и идниот „718 EV“ остануваат дел од стратегијата, но повеќе нема да бидат во центарот на понудата.


Полих предупредува дека и 2026 година ќе биде тешка, бидејќи новите „SUV“ модели ќе пристигнат дури подоцна во текот на оваа деценија.

„Porsche“ ја отфрла идејата за воведување втора подмарка специјално за Кина и нема да го пресели производството на автомобили во оваа земја поради високите трошоци.

Падот на продажбата не го погодува само „Porsche“ – слични проблеми имаат и „BMW“, „Mercedes“ и „Audi“.


Кинеските брендови претставуваат сериозна конкуренција, особено во сегментот на електрични автомобили, со цени кои европските производители тешко можат да ги следат.

За „Porsche“, повторното фокусирање на бензинските мотори би можело да биде клучна карта за закрепнување на најважниот автомобилски пазар во светот.