[ФОТО] Италија: Откриена „долина на диносауруси“ - Илјадници отпечатоци од стапала на огромни влекачи пронајдени во националниот парк Стелвио

Точка

17/12/2025

10:40

374

Големина на фонт

а а а

Италијанските палеонтолози откриле илјадници отпечатоци од стапала на диносауруси на речиси вертикална карпа на повеќе од 2.000 метри надморска височина во националниот парк Стелвио, што е откритие за кое велат дека е меѓу најбогатите наоѓалишта во светот од периодот на тријасот.

Отпечатоците од кои некои се широки и до 40 см, со траги од канџи, се протегаат на околу пет километри во подрачјето „Valle di Fraele“ во близина на Бормио, едно од местата на одржување на Зимските олимписки игри во 2026 година во северниот регион Ломбардија.

„Ова е едно од најголемите и најстарите наоѓалишта на отпечатоци од стапала во Италија и меѓу најспектакуларните кои ги имам видено за 35 години“, изјавил Кристијано Дал Сасо, палеонтолог во миланскиот Природонаучен музеј, на конференцијата за новинари одржана вчера.


Експертите веруваат дека отпечатоците ги оставиле стада на тревопасни животни со долг врат, веројатно платеосауруси, пред повеќе од 200 милиони години кога подрачјето било топла лагуна, идеална за движење на диносаурусите низ плажите, оставајќи отпечатоци во калта блиску до водата.

„Отпечатоците од стапала биле направени додека седиментите сè уште биле меки, на широки плимни рамнини што го окружувале океанот Тетис“, изјавил Фабио Масимо Пети, научник од музејот „MUSE“ во Тренто.

„Калта, сега претворена во карпа, овозможила зачувување на извонредни анатомски детали на стапалата, како отисоци од прсти па дури и од канџи“, додал тој.

Како што Африканската плоча постепено се поместувала кон северот, затворајќи и исушувајќи го океанот Тетис, седиментните карпи се набрале создавајќи ги Алпите.

Фосилизираните остатоци од стапалата на диносаурусите се поместиле од хоризонтална во вертикална положба на планинските карпи, а во септември ги забележал фотографот на диви животни додека бил во потрага по елени и брадести супови.

„Природните науки им подарија на Игрите Милано-Кортина 2026 неочекуван и драгоцен подарок од далечни периоди“, изјавил Џовани Малаго, претседателот на Организацискиот одбор на Милано-Кортина 2026.

Инаку до подрачјето не може да се стаса преку патеки, па за негово проучување ќе мора да се употребуваат беспилотни летала и технологии на далечинско истражување.