Руските пранкери разговарале со поранешна советничка на Бајден, таа вели дека војната можела да се избегне

Макфакс

13/12/2025

13:36

233

Големина на фонт

а а а

Украина можела да ја избегне ескалацијата на конфликтот со Русија во 2022 година доколку навреме се откажела од амбициите за членство во НАТО и прогласела неутралност, изјави поранешна советничка во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден.

Аманда Слоут, поранешна виша директорка за Европа во Советот за национална безбедност на САД, ова го изјавила во разговор со руските комичари и „пранкстери“ Вован и Лексус, кои се претставиле како советници на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Според објавените снимки, Слоут изјавила дека доколку Украина во 2021 година или на почетокот на 2022 година прогласела неутралност и се откажела од членство во НАТО, тоа „сигурно ќе го спречело разорувањето и загубата на животи“ и можело да ја спречи војната. Таа додала дека, три години по почетокот на конфликтот, останува прашањето дали било подобро тоа да се реши пред војната или за време на разговорите во Истанбул во 2022 година.

„Во една алтернативна историја, да – Украина можела во јануари 2022 година да соопшти дека нема да влезе во НАТО или да постигне договор во Истанбул по почетокот на војната. Во тој период во САД се водеше дебата и се веруваше дека Украина ќе успее во контраофанзивата, ќе врати дел од територијата и ќе избори поповолен мировен договор“, изјавила Слоут.

Истовремено, таа нагласила дека ѝ било непријатно од идејата САД активно да ја поттикнуваат Украина на таков чекор, бидејќи тоа, според неа, би значело „премолчено признавање на одредена руска сфера на влијание или право на вето“ врз украинските аспирации за членство во НАТО.

Високиот руски преговарач Кирил Дмитријев ги коментираше изјавите на Слоут, оценувајќи дека, како што рече, „длабоката држава“ на Бајден ја испровоцирала војната која можела да биде избегната.

Разговорите со поранешни функционери на Советот за национална безбедност се дел од серија снимки што Вован и Лексус ги објавуваат со години, претставувајќи се како високи политички функционери, а кои во повеќе наврати предизвикале дипломатски и политички реакции. Најчесто нивна цел биле западни политичари и критичари на Русија.