Речиси е сигурно дека Александар Вучиќ повторно ќе се кандидира за премиер на Србија, но кој ќе биде кандидатот на Српската напредна партија за претседател останува главната непозната. Соговорниците на белградскиот портал „Данас.рс“ се согласуваат дека СНС нема доволно харизматична личност сама да ги добие претседателските избори, поради што Вучиќ наводно планира да ги одржи парламентарните и претседателските избори на ист ден.
Дури и самата Српска напредна партија не знае со сигурност кој е фаворит на Вучиќ за негов наследник. Иако за тоа не се дискутира на партиските состаноци, низ ходниците се шири приказната за желбата на сегашниот претседател жена да го наследи на таа позиција, слично како што Ана Брнабиќ еднаш го наследи како премиер.
На прашањето дали веќе има некои имиња во трка, соговорниците од СНС одговараат дека претседателот е тој што се грижи за сè. „Важно е да направиме добра кампања и да нема втор круг избори“, нагласуваат тие, избегнувајќи шпекулации за имиња.
Мирослав Паровиќ од Движењето за народна слобода тврди дека СНС разговара за кандидати. Според него, Вучиќ, како што му е стара навика, им ветил кандидатура на неколку лица.
„Еден од нив е Милош Вучевиќ, претседателот на СНС. Тука е и Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, бидејќи Вучиќ се обидува да ја протурка приказната преку одредени канали дека жена сега треба да биде претседател на Србија. Тој, исто така, му ветил на Никола Селаковиќ, сè за да може да продолжи да го напаѓа ТОК, но и Александар Вулин, кој сега почнува лажни приказни дека е потребно да се оди на референдум за непостоечкиот ‘српски свет’“, пишува „Данас.рс“.
„Ова се барем четири имиња за кои Вучиќ вети дека ќе бидат можни кандидати, но веројатно има некои луѓе во оптек кои од нигде никаде ќе се кандидираат, исто како што некогаш направи со Ана Брнабиќ“, смета Паровиќ.







