Кобното утро на 7-ми октомври 2023 година, Бачева Јахаломи се соочила со избор што ниту една мајка не треба да го доживее. Во моментот кога Хамас започна со напад на југот на Израел, во кој беа убиени околу 1200 цивили, таа била во кибуцот Нир Оз со сопругот Охад и нивните три деца.
Додека траел нападот, околу 500 припадници на Хамас провалиле во населбата. Киднапирањата започнале штом терористите го пробиле семејното засолниште, одведувајќи го Охад и 12-годишниот син Ејтан. Бачева и нејзините две ќерки, стари 10 години и 20 месеци, исто така биле заробени и ставени на мотор на еден од напаѓачите. Но, додека хаотично патувале кон појасот Газа, мајката и девојчињата паднале од моторот и успеале да најдат засолниште.

Мајчинска одлука за неколку секунди
Во тој краток, но пресуден момент, Бачева морала да одлучи: дали да тргне кон слобода и да ги заштити ќерките, или да тргне по синот чија судбина станувала сè понеизвесна? Имала само неколку секунди за одлука. На крајот решила да се погрижи за ќерките и да се бори за враќањето на синот штом тоа ќе биде можно. Ејтан бил помеѓу 253-те луѓе кои биле киднапирани тој ден.
Судбината на киднапираните
Ејтан беше држен во заробеништво 52 дена, сè додека во ноември 2023 не бил ослободен во рамки на договорена размена. Неговиот татко Охад немал иста судбина – убиен е во Газа, а неговите посмртни останки биле вратени по дури 510 дена. Во заробеништво, Ејтан претрпел сериозни трауми – терористите го изгладнувале, го изложувале на снимки од масакрот и го убедувале дека останал потполно сам.
Бачева подоцна раскажала низ што минувал нејзиниот син:

„Јадел по едно лепче и една краставица дневно. Му велеле дека Израел не постои, дека кибуцот е уништен. Спиел под столчиња со другите заробеници, во соба без кревет, често преплашен. Смеел да се тушира само двапати во текот на 53 дена. Не смееле да користат тоалет, па заробениците се снаоѓале со помош на лименки и шишиња“.
Иако бил ослободен, Ејтан продолжил да се бори со последиците од траумите – со ноќни мори, стравови и неизвесност околу судбината на татко му. Бачева му кажала дека Охад е жив, бидејќи ни самата немала сигурни информации.

Потрага по вистината
Дури во јануари 2024 се појави снимка на која се гледа тешко ранетиот Охад, а киднаперите тврделе дека е мртов. Семејството сè уште се надевало дека тој е жив. Таа надеж траела до февруари 2025, кога неговото тело било вратено во Израел како дел од договорот за прекин на огнот. Подоцна се дознало дека Охад веројатно бил убиен истиот ден кога бил снимен.
За Јахаломи, 510 дена помеѓу киднапирањето и потврдата за смртта биле речиси неподносливи.
„Беше страшно да се живее без никакви информации за Охад. Се надеваме дека ќе се врати жив, но не се врати“.

Прашањето што ја прогонува
Две години по масакрот, Бачева сè уште го носи товарот на дилемата со која се соочила тој ден. Иако знае дека спасувањето на ќерките било единствено разумно, емоциите не стивнуваат:
„Не ми е секогаш лесно да мислам дека тоа беше правилна одлука. Беше ужасно да трчам во спротивен правец од Ејтан, знаејќи дека го одведуваат и дека е таму без мене. Тешко ми е да размислувам за тоа и денес“, изјави таа за „Daily Mail“.















