Системот за автоматско снимање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ („Safe City“) официјално ќе почне да функционира од 1 февруари 2026 година, потврдиле од Министерството за внатрешни работи за порталот „360 степени“. Првично беше најавено дека казните ќе стартуваат на 1 јануари, но по неколкунеделниот тест-период со СМС-опомени, датумот е поместен за еден месец.
Во меѓувреме, тестирањето на мрежата од камери и системот за препознавање регистарски таблички веќе се спроведува во Скопје, Тетово и Куманово, како и долж коридорите 8 и 10. Во овој период, системот детектира прекршоци, но наместо казни, се испраќаат предупредувања – како „вежба“ пред целосната примена.
Од МВР објасниле дека одложувањето е поради потреба од дополнителни технички проверки и усогласување со правните процедури за електронско казнување. Во таа насока, од Министерството ја соопштиле и клучната информација за опфатот на примената:
„Безбеден град ќе започне да функционира од 1.2.2026 година на територија на Скопје, Тетово и Куманово, како и долж коридорите 8 и 10“.

Покрај техничко-правните подготовки, во фокус е и можноста за воведување „толеранција“ при мерењето на брзината. Како опција што се разгледува, дел од возачите кои ќе возат неколку километри на час над дозволеното – на пример 52 – 53 км/ч во зона со ограничување 50 – би можеле да не бидат санкционирани, иако праксата за ваква толеранција се разликува од земја до земја.
Од МВР нагласуваат дека целта на проектот не е казнување, туку превенција и намалување на сообраќајните несреќи.
Со новиот датум, институциите добиваат уште еден месец за да го „дотераат“ системот до правно и технички чиста примена, а возачите – уште малку време да се прилагодат пред камерите да почнат да испраќаат вистински казни, наместо опомени.







