Предупредување за туристите и инфлуенсерите: Снимките од пресретнување ракети на Блискиот исток можат да ве однесат на суд

Точка

02/03/2026

20:43

433

Големина на фонт

а а а

Во изминатите неколку дена социјалните мрежи се преплавени со снимки од туристи и инфлуенсери на Блискиот Исток кои прикажуваат пресретнување на ирански напади низ регионот.

Меѓутоа, властите ги предупредуваат граѓаните, жителите и посетителите дека оние кои објавуваат видеа и фотографии на социјалните мрежи би можеле да се соочат со правни последици, пишува „Јуроњуз“.

Во сила се правила што го регулираат споделувањето на вакви видео-снимки и фотографии, бидејќи со тоа може да се загрози безбедноста преку откривање на локациите на одбранбени воени објекти. Снимките, исто така, можат да бидат искористени за прецизирање на идни напади, бидејќи откриваат точно кои места биле погодени.

Ваквите правила не се единствени за овој регион — слични ограничувања постојат и во Украина за време на актуелната руска инвазија.

Тројца уапсени во Бахреин

Министерството за внатрешни работи на Бахреин соопшти дека во изминатите два дена биле уапсени три лица поради објавување снимки од нападите во таа земја.

Две лица биле приведени поради директни преноси на 28 февруари, додека третото било уапсено на 1 март поради објавување видео-снимки од повеќе локации погодени од нападите.

„Министерството за внатрешни работи потврдува дека секој што снима, објавува или повторно споделува видео-снимки од местото на настанот подлежи на законска одговорност, бидејќи тоа претставува прекршување на законот што може да ѝ наштети на безбедноста и јавниот ред“, се наведува во соопштението објавено на платформата Икс.

Слични предупредувања објавија и други регионални институции преку социјалните мрежи.

Министерството за внатрешни работи на Кувајт ги повика граѓаните да се воздржат од снимање на пресретнување проектили во воздушниот простор, како и од снимање припадници на службите додека ги извршуваат своите должности, бидејќи тоа може да „поттикне вознемиреност меѓу членовите на заедницата, да влијае врз текот на безбедносните процедури и да придонесе за ширење неточни информации“. Министерството додаде дека против оние што шират гласини или пласираат лажни вести ќе бидат преземени „законски мерки“.

Министерството за внатрешни работи на Катар ја нагласи важноста од „воздржување од ширење гласини или објавување фотографии и видео-снимки од последиците од нападите со цел да се избегне правна одговорност“, додека Канцеларијата за медиуми на Дубаи упати сличен апел за воздржаност.