Цените на нафтата паднаа под 90 долари за барел по најавата на Г7 дека ќе ослободи резерви

Макфакс

09/03/2026

22:09

238

Големина на фонт

а а а

Цените на нафтата денес попладне паднаа за десет проценти, на под 90 долари по барел, откако на почетокот на тргувањето скокнаа за 20 проценти.

Главната причина за падот е тоа што министрите за финансии на седумте најразвиени земји соопштија дека Г7 е подготвена да ослободи нафта од стратешките резерви доколку биде потребно, пренесе Трејдинг економикс.

Според податоците, нафтата Brent сега се движи околу 89,5 долари по барел, додека американската сурова нафта WTI (West Texas Intermediate) се тргува околу 86 долари по барел.

Цената на нафтата претходно за време на тргувањето порасна на 120 долари за барел, што е највисоко ниво од 2022 година, бидејќи главните производители од Блискиот Исток почнаа да го намалуваат производството поради нарушувањата во транспортот во Ормутскиот теснец.

Со значително ограничен сообраќај на танкерите, неколку клучни производители, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак, почнаа да го ограничуваат производството бидејќи складиштата брзо се полнат.