Хотел од Берово понесе значајна награда на Балканскиот туристички самит

Точка

05/12/2025

16:32

391

Големина на фонт

а а а

Во време кога политичките и етничките тензии често ги доминираат вестите од Балканот, туристичкиот сектор покажува дека автентичноста, квалитетот и традицијата немаат граници.

Хотел Манастир од Берово ја понесе престижната титула „Амбасадор на традиционалното гостопримство и кулинарна автентичност" на врвниот регионален настан Balkan Awards of Tourism Industry 2025, одржан во Софија, во конкуренција со водечки хотели од Македонија, Бугарија, Грција, Србија и Косово.

Регионална соработка преку туризам

Ова признание е значајно не само за Берово или Малешевијата, туку за целата земја. Во време кога политичките дијалози честопати не се и најсветлата точка, туристичкиот сектор покажува како квалитетот и автентичноста градат мостови меѓу народите. Жирито, составено од туристички професионалци од целиот Балкан, ја препозна вредноста на македонското традиционално гостопримство и автентичната малешевска кујна како регионално богатство.


„Ова признание е доказ дека туризмот може да биде платформа за регионална соработка и меѓусебно почитување," изјави нашата амбасадорка Агнеза Руси Поповска, која од името на организаторот, му ја врачи наградата на добитникот Хотел Манастир од Берово. "Гостите од Бугарија, Грција, Србија и Косово не гледаат граници – тие бараат автентични искуства, а хотел Манастир стана легенда за сите оние кои знаат што значи автентичното традиционално гостопримство и уникатното кулинарство" изјави организаторката Патриција Кирилова, виден новинар и ПР експерт, најавувајќи ја наградата.


Малешевијата на балканската туристичка карта

Хотел Манастир, сместен на 900 метри надморска височина во вистинска воздушна бања, стана симбол на она што македонскиот туризам може да го понуди – спој на традиција, природна убавина, професионален сервис и еко-гурмански малешевски деликатеси подготвени од локални продукти.

Локацијата, на самата македонско-бугарска граница, но и во центарот на Балканот на 150км од Скопје и на 160км од Софија и Солун, го прават достапен за гостите од соседните земји, но и на интернационалната карта за балканските тури, резултирајќи со илјадници регионални и интернационални гости, кои ја избираат малата Швајцарија на Балканот-Берово, наместо скапите меѓународни дестинации.


Економски ефект и промоција на земјата

Признанието на балканско ниво очекувано ќе има директен економски ефект. Веќе активно се воспоставуваат релации со туристичките агенции од регионот кои ќе го промовираат Хотел Манастир и Берово како премиум дестинација, кое пак неминовно ќе донесе зголемен туристички промет, работни места и промоција на македонските производи и традиција на пошироко регионално ниво.


"Кога гостите од Бугарија, Грција, Србија или Косово доаѓаат во Берово и се враќаат со восхитување, тие стануваат најдобри амбасадори на македонскиот туризам," велат од локалната туристичката заедница.

Порака на надеж

Во време на предизвици, ова признание испраќа јасна порака: квалитетот, автентичноста и топлото гостопримство се универзални вредности кои ги надминуваат сите поделби. Туризмот не само што создава економски можности, туку гради и меѓучовечки врски кои ја јакнат регионалната стабилност.

Балканскиот туристички самит Balkan Awards of Tourism Industry 2025 се одржува веќе повеќе од деценија со цел да ги промовира врвните туристички објекти и иницијативи на регионално ниво и да ја поттикне соработката меѓу балканските земји во туристичкиот сектор.