Светското првенство наредната година ќе биде историско поради фактот што првпат на него ќе учествуваат 48 репрезентации, но ФИФА се обидува да направи и други промени кои ќе го подигнат мундијалското ниво во изданието во 2026 година.
Првиот човек на судиската комисија, Пјерлуиџи Колина, им открил на медиумите дека ФИФА планира да додаде дополнителна ВАР функција, со што ќе се избегне еден вид неправди на натпреварите.
Се работи за проверка на корнерите, опција која фудбалските лиги во Европа досега одбиваа да ја применат за да не се губи дополнително време за активност на ВАР собата, но ФИФА ќе ја употреби на СП 2026.
– Главен критериум е да нема чекање, односно одлуката да се донесе во тие 10-15 секунди кои вообичаено се потребни за сите фудбалери да ги заземат своите позиции.
– Би било жално одреден натпревар да се реши поради ненамерна грешка на судиите, а не поради играта која ја прикажала одредена репрезентација. Мислам дека вреди да се испроба оваа опција.
– Зошто би ги ставале главите во песок и да чекаме ништо да не се случи од погрешно доделен корнер? – прашува Колина.
Последната ситуација во која имаше ваква потенцијална грешка е вчерашниот дуел меѓу Лацио и Милан, во кој домаќините постигнаа гол по корнер за кого многумина сметаат дека е погрешно доделен за римскиот клуб.







