Во Грција бил убиени стотици илјади овци и кози поради појава на овчите и козјите сипаници — вирусна инфекција што сериозно го загрозува производството и извозот на познатото фета сирење, соопшти Министерството за рурален развој и храна.
Првите случаи на болеста биле откриени во северна Грција во август 2024 година, а од тогаш инфекцијата се проширила во многу регионални области. До средината на ноември 2025 година се регистрирани вкупно 1.702 случаи, а превентивните мерки предвидуваат уништување на целото стадо штом се пронајде заразено животно. Досега се заклани околу 417.000 овци и кози, што претставува околу 4–5 проценти од вкупниот број добиток пред почетокот на епидемијата.
Ова масовно намалување на стадата директно го загрозува производството на млеко — клучната суровина за производство на фета сирење — и потенцијално носи сериозни економски последици за грчката прехранбена индустрија.
Грција произведува околу 80 проценти од овчото и козјото млеко што се користи за изработка на фета сирење, кое во Европската унија е заштитено со ознака за потекло. Извозот на фета сирење минатата година достигнал 785 милиони евра, од кои 520 милиони завршиле во земјите на ЕУ, а 90 милиони во Обединетото Кралство. Недостигот на млеко доведува до раст на производствените трошоци и можни проблеми со снабдувањето, предупредуваат производителите.
Професорот Димитрис Гугулис од Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот во Тесалија истакнува дека малите млекараници веќе ги чувствуваат последиците од болеста.

„Ограничената количина достапно млеко ги зголемува трошоците и го отежнува одржувањето на сегашното ниво на производство на фета сирење на пазарот“, вели тој.
Зошто е спорна вакцинацијата?
Покрај финансискиот удар, проблем претставува и емоционалниот стрес кај сточарите. Многу фармери ги загубија стадата што со години ги создавале, а компензациите што ги нуди државата — меѓу 132 и 220 евра по животно, во зависност од возраста — се далеку под реалната штета.
Грчките власти се критикувани и поради задоцнетата реакција на епидемијата. Националниот научен комитет за контрола и управување со овчите и козјите сипаници бил формиран дури во октомври 2025 година — повеќе од една година откако беа забележани првите случаи. Во меѓувреме не биле воведени карантински зони во погодените области, а ангажманот на ветеринарите бил недоволен.
Нелегалниот транспорт на животни и прикривањето на заразени примероци дополнително ја отежнуваат контролата на болеста. Националниот комитет неодамна предупреди дека фармерите можеби спровеле и до еден милион нелегални вакцинации, што дополнително ја комплицира епидемиолошката состојба.

Властите одбиваат масовна вакцинација поради ризик Грција да биде прогласена за ендемска земја за болеста, што би донело ограничувања во извозот на овчо и козјо млеко, особено на фета сирење. Експертите укажуваат дека постојните, постари вакцини не можат целосно да ја спречат инфекцијата и не се соодветни за целосно искоренување на болеста.
Ситуацијата во Тесалија ги открива сериозните недостатоци во стандардите на фармите — многу од нив се изградени уште во шеесеттите години од минатиот век, со импровизирани засолништа и недоволна заштита на добитокот. Сточарите во регионот бараат итно одобрување за масовна вакцинација, каква што се применува во Бугарија и Турција, со цел да се стави болеста под контрола и да се заштити производството на фета сирење.















