Европскиот комесар за одбрана: Време е Европејците да развијат свој план за Украина

Макфакс

04/12/2025

18:35

125

Големина на фонт

а а а

Време е Европејците да престанат слепо да го следат американскиот претседател Доналд Трамп и наместо тоа да создадат свој мировен план за Украина, изјави денес европскиот комесар за одбрана Андријус Кубилијус.

„ЕУ мора да биде независна или барем подготвена да биде силна во геополитичките случувања, вклучително и да има свои планови за тоа како може да се воспостави мир во Украина и да ги дискутира со своите трансатлантски партнери“, изјави Кубилијус за бриселскиот портал „Политико“.

Тој додаде дека нови планови се појавуваат на секои шест месеци и дека има чувство дека Европа чека планови да пристигнат од Вашингтон, нагласувајќи дека плановите треба да дојдат и од Брисел или Берлин.

Европскиот комесар за одбрана истакна дека е „многу важно“ Европа да создаде свој план за завршување на војната за да обезбеди место на преговарачката маса.

„Треба да имаме можност да разговараме за два плана: еден европски и друг, можеби, подготвен од нашите американски пријатели“, додаде тој.

Целта, рече тој, би била да се најде синергија меѓу двата плана и да се постигне најдобар можен исход.

Зборувајќи за одбраната, Кубилијус рече дека Европа секогаш треба да смета на Член 5, осврнувајќи се на одредбата на НАТО за заедничка одбрана.

Сепак, тој истакна дека фокусот на САД на Пацификот „се случува“.

„Прашањето е дали ни се потребни дополнителни безбедносни гаранции и институционални решенија за да бидеме подготвени во случај Член 5 одеднаш да не се спроведе“, рече Кубилијус.

Тој ги спомена и неодамнешните коментари на американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, дека Германија би можела да ја преземе највисоката воена позиција во НАТО, наместо да остане во рацете на американски генерал.

Ова „е сигнал дека Американците навистина бараат од нас да се грижиме за европската одбрана“, не само од воен, туку и од институционален аспект, рече Кубилијус, објави Танјуг.