[ФОТО] Сведоштва на Надалина (19) и Санела (26) кои ја преживеаја „дискотеката на смртта“ во Кочани: „Давав сè од себе да сум првенец на генерација – таа титула кога сте на интензивна не вреди ништо“

Точка

04/12/2025

16:45

5.130

Големина на фонт

а а а

Животот на ученичката од четврта година средно стручно училиште за хемија и технологија бил совршен. Првенец на генерација. Се занимава со многу работи, свири пијано, настапува со училишниот оркестар. Дете на лекари, планира да запише медицина… Сè оди како што треба. До 16-ти март.

„Борба – тоа е она што преостанува. Ништо друго. И останатите преживеани, и родителите кои ги загубија децата, секој од нас носи камен околу вратот кој може и мора да го поднесе“ – се зборовите на Надалина Грозданова, 19-годишна девојка која ја преживеа „дискотеката на смртта“ во Кочани.

И која засекогаш ќе го носи тој 16-ти март 2025 година на лицето и во срцето. Денот кој однесе 63 животи.


„Беше сабота, го славиме 19-от роденден на најдобрата другарка кај неа. Потоа ние пет заминуваме на настап на групата ДНК. На почетокот сè беше нормално. Диџеј, па бендот ДНК. Полна дискотека, ние бевме некаде во третиот ред од бината. Се вклучува и пиротехника, сè е вообичаено. Не обрнуваме внимание. А потоа, во рок од неколку минути, пламенот е насекаде“, раскажува Надалина за српскиот „Курир“.

„Трчаме кон излезот, единствениот излез, а нас нè има повеќе од 600. Сите кон вратата. Гужва. Другарките успеаја да излезат, јас не. Почнува паничен напад, се онесвестувам. Последната слика ми е како луѓето врескаат, се обидуваат да излезат. Кога дојдов при себе, сè беше темно. Не бев ни свесна дека се случило нешто сериозно. Можеби потсвесно се обидувам да избришам сè што видов, да не памтам ништо.


Кога ги отворив очите, само знаев дека сум заглавена и морам да излезам. Хаос. Ни сама не знам како успеав, ако ми верувате. Тоа е некоја виша сила, не е нешто што можеш сам да го направиш. Се сеќавам дека поминав низ вратата, но што беше околу мене – не. Сè е избришано“, вели Надалина.

Санела Давиткова: „Столе ме охрабруваше, а тој не издржа“

За „Курир“ зборувала и Санела Давиткова, 26-годишна учителка од Кочани. Таа вели дека му се радувала на тоа излегување бидејќи ДНК ѝ биле омилен бенд.


„Бевме точно пред бината, баш под пиротехниката. На почеток не го сфативме сериозно пламенот, мислевме дека е дел од настапот. Сè додека пејачот не викна: „Излезете сите!“. Речиси целото мое друштво успеа да излезе, но ние тројца се заглавивме на самата врата. Од излезот ме делеше само еден чекор. Кога почувствував топол воздух, инстинктивно ги ставив рацете преку лицето“, раскажува Санела, чие лице благодарение на тоа било делумно заштитено, но рацете покажуваат траги од огнените јазици:


„Понатаму на ништо не се сеќавам, мислам дека се онесвестив за момент. Не можев да дишам. Кога се разбудив – заглавена. Луѓе натрупани едни врз други. Во таа гужва и врескање, првото што го видов пред вратата беше моето момче. Го викав, но не ме препозна. Сепак, потоа ме слушна. Не знам како успеа да ме извлече. Ме остави пред дискотеката и отиде по другарите, двајца беа извлечени. Столе, еден од нив, кого многу го сакав, беше напред во возилото на Итната помош што ме однесе. Беше многу храбар. Постојано ми зборуваше дека сè ќе биде во ред. А тој на крајот не издржа, почина во Белград“, раскажува Санела.


По краток престој во Солун се вратила дома. Многу ѝ било тешко, лузните, сè... Но, се навикнува. И работи.

„Учениците на почетокот ме гледаа чудно. Сега сè е во ред“, со насмевка изјавила младата учителка со мило лице.

И Надалина била на лекување во Солун, каде што останала 75 дена со изгореници на вратот, вилицата и левата рака.

„Дојдов до болница, разговарав со родителите и буквално функционирав сосема нормално. Но, ништо не паметам, тоа е некој шок. Кога се разбудив од кома во Грција, по операциите и сè, воопшто не знаев зошто сум во болница. А потоа, уште на интензивна нега, родителите ми кажаа што се случило, колку луѓе загинале. Благодарна сум, тоа е најисправно. Тогаш го сфатив размерот на трагедијата и дека загинале и луѓе кои ги знам. Сфатив дека изгубив пријатели, другари“, рекла Надалина низ солзи.


„Како минува времето, сфаќаш дека навистина ги нема. Не е лесно да се бориш со тоа секој ден. Постојано. Но, останува само борба. Ова е моја животна лекција. Сега сфаќам колку е минливо сè што мислев дека вреди. Бев многу амбициозна, давав сè од себе за денот кога ќе ја имам титулата првенец на генерација, што и ја добив. Но, знаете колку вреди таа титула на интензивна нега?! Ништо! Само сакам да сум добро. Само на тоа мислам, на ништо друго. Сè ќе се постигне во животот, само да си здрав и жив и да се околу тебе твоите блиски. Ништо друго не треба. Тоа е таа разлика. А човек не е свесен дека тоа е суштината“, додава храбрата девојка.