Снимка на жена од Австралија која плива на грб во базен и истовремено сурфа на мобилен телефон стана вирална, поттикнувајќи дебата дали зависноста од технологијата достигнала точка од која нема враќање.
Видеото, кое на социјалните мрежи го објави популарната страница „Brown Cardigan“, започнува со сцена на капачи во култниот базен „Bondi Icebergs“ во Сиднеј. Но, наскоро камерата се фокусира на една пливачка која, сосема опуштено, го прегледува мобилниот додека плива на грб во својата патека.
Снимката завршува кога жената го подигнува телефонот над себе, како да се обидува да направи селфи среде пливањето.
Под објавата стои саркастичен коментар:
„Прекрасно е да се види како луѓето се целосно присутни во моментот, максимално го користат времето пред екран, никогаш не се офлајн и го споделуваат секој дел од својот живот“.
„Сè отиде предалеку“
Оние кои коментирале главно се согласуваат дека нашата опсесија со паметните телефони одамна ги надминала границите на здравиот разум.
„Нѝ нема спас како вид“, „Ова е мрачна, изопачена верзија на нашата иднина“, „Светот сосема полудел! Спуштете ги тие телефони и живејте во реалноста, престанете да постоите само онлајн!“, „Сè отиде предалеку“, се дел од коментарите под објавата.
Епидемија на зависност
Пливачката „сесија“ со мобилен во рака е само еден пример за растечката глобална зависност од технологија.

Според порталот AddictionHelp.com, дури 250 милиони луѓе ширум светот се борат со зависност од социјалните мрежи. Освен што може да доведе до депресија и социјална изолација, постојаното гледање во екран предизвикува и низа други проблеми: нагли промени на расположението, нарушувања на спиењето, занемарување на секојдневни обврски, непромислена потреба за туѓо одобрување и целосна загуба на интерес за хобија.
Ни децата не се поштедени
Симптомите поврзани со претерана употреба на паметни телефони се сè почести и кај најмладите. Според студија објавена оваа недела во списанието „Pediatrics“, децата кои добиле мобилен пред 12-та година имаат значително поголема шанса да развијат депресија, дебелина или лоши навики на спиење во споредба со врсниците кои го немале толку рано.









