[ВИДЕО] „Ова е тој Слаткар кој со години го бараа фановите“: Новиот албум „Одлични (5)“ носи неочекуван дует со Калиопи и пет нови приказни

Точка

04/12/2025

11:19

574

Големина на фонт

а а а

Речиси шест и пол месеци откако го издаде албумот „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш“, македонската музичка сцена доби нов уметнички импулс со излегувањето на новиот миниалбум на Слаткаристика.

Албумот со наслов „Одлични (5)“ е мал проект составен од пет внимателно осмислени песни кои за само неколку часа успеаја да ја разгорат носталгијата кај старите слушатели, а истовремено да привлечат и сосема нова публика.

Насловната страна на албумот е особено интересна и визуелно силна, симболично вклопена со неговиот наслов. Слаткаристика е прикажан како да седи во стара училишна клупа, опкружен со некогашните хартиени дневници – оние што одамна ги заменивме со електронски системи. На таблата зад него стојат испишани насловите на песните, што создава впечаток како да е отпочната нова лекција на неговиот музички „час“, во истовреме носталгична и современа.


Албумот носи модерна продукција, длабока емоција и визуелна поддршка — секоја песна има свој видеозапис, создавајќи континуирана приказна и една заокружена целина.

Можеби најголемото изненадување за долгогодишните фанови – е продолжението на култната „Сара“, овојпат насловено „Госпоѓа Сара“. Оваа песна звучи како тивка, сега зрела исповед, создадена „во име“ на времето што минува и за емоциите кои никогаш целосно не згаснуваат. „Сите ние сме на некој начин Сара“, се едногласни фановите во коментари.

Уметничката вредност на албумот дополнително се зацврстува преку трите дуети кои внесуваат голема динамика. Долгочекуваната соработка со легендарната Калиопи во „Води ме“ носи силен драмски набој, нејзиниот вокал создава чувство на вистинска музичка театарска сцена.

Потоа следи „Дали ќе ме сакаш“ со Пајак, песна во која доминира експлозивна урбана енергија и младешки ритам.

А најнеочекуваната интернационална нота доаѓа со американскиот рапер Оби Трајс во нумерата „Еминем“, која додава глобален карактер.

Со овој проект, Слаткар уште еднаш потврдува дека е раскажувач што умее личната приказна да ја претвори во универзално чувство. „Одлични (5)“ се доживува како музички дневник – искрен, технички усовршен и емотивно длабок. Многумина коментираат дека ова е вистинскиот Слаткар на кој фановите чекаа со години, а албумот е дело што истовремено ги буди старите слики од минатото и отвора нови можности за доживување на неговиот стил.

Со пет нови нумери, три силни соработки и продолжение на една легенда, Слаткар уште еднаш покажува дека знае да го улови духот на времето – и да го преточи во звук што носи приказна.