Димитриевски ќе добие прва шанса од Корберан по мини-драмата во Валенсија: Тој самиот го минимизираше инцидентот

Дерби

04/12/2025

09:09

322

Големина на фонт

а а а

Столе Димитриевски ја „зовре“ атмосферата во Валенсија со својата изјава која ја даде за време на репрезентативните обврски кои ги имаше во месец ноември, а веднаш по враќањето во шпанскиот град, македонскиот чувар на мрежата се соочи со сериозен состанок со тренерот Карлос Корберан и соиграчите, како и со дисциплинска мерка која беше активирана од страна на клубот.

Македонецот им се извини на тренерот и соиграчите за невнимателните изјави и заработи парична казна како своевиден вид дисциплинска мерка, но две недели подоцна, Корберан јавно потврди дека сепак нема да влече непопуларни одлуки против Столе и дека тој денеска ќе биде дел од стартната постава на Валенсија.

„Лилјаците“ денеска играат Куп натпревар против Картахена, а Димитриевски продолжува да биде прва опција во Копа дел Реј и покрај прашањата на новинарите дали можеби шанса треба да добие третиот голман Кристијан Риверо.

– Димитриевски самиот го минимизираше инцидентот, сфати дека изјавата била погрешна и се извини пред сите. Целата ситуација заврши со финансиска казна, а уште тогаш кажав дека нема да постои спортска санкција.

– Со Столе беше применет внатрешниот кодекс за парични санкции, а сега се подготвуваме за нов натпревар во Копа дел Реј и Димитриевски ќе биде на голот. Јас секогаш бирам според перформансите за сите позиции, вклучувајќи ја и голманската. Секогаш сакам да имам квалитетен голман меѓу стативите и сега ќе брани Столе, – најави Корберан.