Во само 12 часа од пробното пуштање во работа на новиот систем „Безбеден град“ („Safe City“), камерите забележале неверојатни 65.000 сообраќајни прекршоци, од кои 2.800 возила поминале на црвено светло, а 1.000 биле нерегистрирани.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека овој резултат уште еднаш ја потврдува потребата од системот кој, според него, претставува „ново поглавје во сообраќајната безбедност“.
„Со овој проект започнуваме нова етапа во унапредувањето на сообраќајната безбедност – сторителите на сообраќајни прекршоци ќе добиваат електронско известување за сторениот прекршок, документиран со современи технички средства и уреди за снимање. Нашата цел е јасна: повеќе безбедност, помалку прекршоци и нулта толеранција за несовесно возење, без разлика дали се работи за урбана зона или пат надвор од населено место“, рече Тошковски.
Денеска од СВР Скопје го означивме стартот на пробниот период на системот „Безбеден град“ (Safe City), во првите 12 часа...
Posted by Панче Тошковски on Monday 1 December 2025
65.000 прекршоци за 12 часа – аларм што не може да се игнорира
Само во првиот ден на тест-периодот, системот евидентирал прекршоци што би биле доволни за неколку месеци класична полициска работа. Повеќе од 2.800 возила поминале на црвено, 1.000 биле нерегистрирани, а останатите прекршоци се однесувале на пречекорување на брзина, непрописно паркирање и изминат рок на сообраќајна дозвола.
„Оваа алармантна бројка уште еднаш ја потврдува неопходноста и оправданоста на системот, од кој очекуваме значително подобрување на сообраќајната култура, зголемена безбедност за сите учесници во сообраќајот и намалување на штетите и жртвите на патиштата. Со „Безбеден град“ обезбедуваме подобра дисциплина во сообраќајот, транспарентни процедури и брза електронска комуникација со граѓаните. Овој систем е инвестиција во спасени животи и побезбедни улици за сите“, додаде министерот.
Тој посочи дека со „Безбеден град“ граѓаните ќе добијат и побрза, потранспарентна комуникација со институциите. „Секој прекршок ќе биде евидентиран електронски, а сторителот ќе добие известување по СМС и на својата е-пошта, со линк до записникот и изречената казна. Тоа е инвестиција во спасени животи и побезбедни улици“, нагласи Тошковски.
Како ќе функционира системот
Во почетната фаза, „Безбеден град“ ќе ги регистрира прекршоците како возење со недозволена брзина, поминување на црвено светло, неважечка регистрација и непрописно паркирање. Во следната фаза, системот ќе се прошири и ќе препознава и други видови сообраќајни прекршоци.
Сопствениците на возила кои ќе бидат фатени во прекршок ќе добиваат СМС порака и е-мејл известување со пристап до електронскиот записник. Ако сторителот ја прифати одговорноста и плати во рок од осум дена, ќе може да подмири половина од казната. Доколку го пропушти рокот, ќе има дополнителни осум дена за плаќање на целиот износ пред да почне извршната постапка.

„Опомени“ до крајот на годината, вистински казни од јануари
До крајот на 2025 година, системот ќе функционира во пробен режим, при што прекршителите ќе добиваат само опомени наместо казни. Од почетокот на следната година, ќе започне и официјалното санкционирање.
Министерот нагласи дека ова е само почеток на поширок процес на модернизација на МВР и дигитализација на услугите:
„Посветено продолжуваме да ги унапредуваме процесите и квалитетот на нашата работа. ’Безбеден град‘ е чекор кон побезбеден сообраќај, но и кон поефикасна, транспарентна и современа полиција.“
За само половина ден, бројот на прекршоци снимен од „Безбеден град“ ја покажува вистинската слика на македонските улици – недисциплина, несовесност и импровизација зад воланот. Но, ако системот ја исполни својата цел, можно е за првпат да се наметне реална контрола и казнен механизам што нема да се плашиме од него – туку да ни служи како потсетник дека сообраќајот не е игра на нерви, туку прашање на живот и смрт.















