Во македонските болници со години владее истата практика: пациентите имаат само три менија на располагање додека престојуваат во истите. Ова стандардизирано болничко мени, според многумина, е далеку од доволно — ниту по количина, ниту по квалитет, ниту по нутритивна вредност.
Видеото на „Види Вака“ повторно го отвори прашањето за тоа каква храна добиваат пациентите и како ова влијае врз нивното лекување и закрепнување.
Видеото преку саркастичен начин, со маж кој нарачува „сув леб“ во ресторан, „супа со зеленчук, ама без зеленчук“, „компот на собна температура“ и „три маргаринчиња и едно мармаладче“, бидејќи како што вели „се навикнал на храната во болница“, ја опишува суровата реалност за оброците кои пациентите ги добиваат за време на болничкиот престој.
„Европските болници нудат 50 менија според потребите на пациентите – македонските само 3. Пациентите заслужуваат подобро“, се вели на крајот од видеото.
Минимален избор за пациенти со специфични потреби
Иако пациентите често се соочуваат со специфични здравствени состојби, хронични заболувања или потреба од стриктни диети, болничките кујни речиси секогаш нудат само три опции — без можност за детално приспособување.
Тоа значи дека лицата со срцеви заболувања, дијабетес, гастро проблеми, онколошки пациенти или пациенти во тешка здравствена состојба се хранат речиси идентично. Ова остава впечаток дека системот функционира според шаблон, а не според индивидуалните потреби на болните.
Храната често не е ни доволна, ни квалитетна
Многу граѓани сведочат дека болничките оброци се еднолични и нутритивно сиромашни. Пациентите велат дека мораат да носат храна од дома бидејќи она што го добиваат во болница не ги задоволува основните потреби.

Некои од најчестите забелешки се: мали порции, еднолично мени, недостаток на свежо овошје и зеленчук, често и процесирана храна која не содржи доволно протеини и хранливи материи...
Експертите често тврдат дека таквата исхрана не само што не помага во закрепнувањето, туку може и да го забави истото.
Последици кои не се само гастрономски
Лошата болничка исхрана може да има директни последици врз здравјето како побавно закрепнување, поголем замор, намалена сила кај пациентите, потенцијално влошување на хроничните заболувања.
Кога болничката храна не ги поддржува основните потреби на пациентите, целото лекување станува помалку ефикасно.
Болничкото мени со само три избори одамна не е одраз на модерно и ефикасно здравство. Пациентите заслужуваат храна што ќе им помогне да закрепнат — а не само да преживеат.














