Со години го чувал каменот мислејќи дека е злато — се покажало дека пронашол нешто многу повредно

Точка

01/12/2025

14:11

803

Големина на фонт

а а а

Кога Дејвид Хоул во 2015 година со детектор за метал го пребарувал теренот во Мериборо Регионал Парк, недалеку од Мелбурн, не ни сонувал дека ќе наиде на еден од најретките вселенски објекти некогаш откриени во австралиската сојузна држава Викторија.

Во жолтата глина наишол на необично тежок, црвенкаст камен. Убеден дека во него се крие грутка злато — сепак се работи за познато златоносно подрачје од времето на златната треска во 19 век — го однел дома и со години се обидувал да го скрши. Го сечел со пила за камен, го брусел со аголна брусилка, го дупчел, дури го полевал и со киселина. Ниту тежок чекан не помогнала. Причината била едноставна: тоа воопшто не било злато. Години подоцна се покажало дека станува збор за редок метеорит.

„Ја имаше онаа скулптурална, издлабена форма“, изјави геологот Дермот Хенри од "Melbourne Museum" за "The Sydney Morning Herald". „Таков изглед се создава при преминот низ атмосферата — површината се топи, а атмосферата буквално ги обликува.“

Тежок 17 килограми

Не знаејќи што точно држи во рацете, но и понатаму фасциниран, Хоул го однел „каменот“ на стручна идентификација. Хенри подоцна изјави за "Channel 10 News" дека во текот на 37 години работа во музејот прегледал илјадници примероци што луѓето ги носеле мислејќи дека се метеорити — а само двапати тоа навистина било точно. Овој камен бил еден од тие два: „Ако на Земјата подигнете ваков камен, тој не треба да биде толку тежок“, објасни геологот Бил Бирч.

Научниците во меѓувреме објавија научен труд за ова тело старо 4,6 милијарди години, кое го нарекоа Мериборо, според местото каде што е најдено. Метеоритот тежи 17 килограми, а откако со дијамантска пила бил отсечен мал примерок, е утврдено дека содржи висок процент железо и припаѓа на групата обични хондрити тип H5. Во неговата внатрешност видливи се и ситни кристализирани капки метални минерали, познати како хондрули.

„Метеоритите се најевтиниот начин за истражување на вселената. Тие не враќаат назад во времето и даваат траги за староста, настанокот и хемијата на нашиот Сончев систем, вклучувајќи ја и Земјата“, вели Хенри. „Некои ни откриваат и увид во длабоката внатрешност на нашата планета. Во некои има и ’ѕвездена прашина‘ постара од Сончевиот систем, а ретки содржат и органски молекули како аминокиселини — градбени блокови на животот.“

Повреден од злато

Потеклото на метеоритот сè уште не е прецизно утврдено, но научниците сметаат дека најверојатно дошол од астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер, по судир на поголеми тела. Според јаглеродно датирање, на Земјата се наоѓал помеѓу 100 и 1000 години, а забележани метеорски појави од 1889 до 1951 година би можеле да се поклопат со неговиот пад.

За науката, овој метеорит е далеку повреден од злато. Станува збор за само 17-ти некогаш регистриран метеорит во државата Викторија, а воедно е и втор најголем хондрит пронајден таму — веднаш по примерокот од 55 килограми идентификуван во 2003 година.

„Ова е само 17-ти метеорит пронајден во Викторија, додека илјадници златни грутки одамна се откриени“, вели Хенри. „Кога ќе ги погледнете сите околности, речиси е астрономски неверојатно што воопшто бил пронајден.“ И овој случај покажува дека не завршуваат сите метеорити веднаш во музејски витрини — еден примерок со години служел како обичен држач за врата пред да биде откриено неговото вистинско потекло.