Мицкоски: Национален интерес е државата да реагира брзо и професионално на хибридните и на информациските закани

Макфакс

28/11/2025

14:43

87

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на конференција посветена на хибридните и информациските закани, нагласувајќи дека темата претставува еден од најкритичните безбедносни предизвици на современото време.

Во говорот, Мицкоски истакна дека овие закани „не се гледаат, но се чувствуваат“, дека „не експлодираат, но можат да разорат“, и дека нивната цел е нарушување на довербата, слабеење на демократијата и поткопување на државниот систем.

Тој посочи дека дезинформациските кампањи веќе не се само медиумски проблем, туку безбедносен предизвик со стратешки последици, оценувајќи ја конференцијата како „аларм и потреба за системско будење“.

Мицкоски наведе дека постои напредок во институциите, но оти е потребно повеќе – повеќе обуки, развивање институционална меморија, ресурси и одржливи, а не привремени одговори.

„Нашиот национален интерес е јасен — да изградиме држава која препознава, анализира и одговара на хибридните и информациските закани координирано, брзо и професионално“, рече тој.

Премиерот најави дека Владата ќе воведе задолжителни процедури, методологии, бази на податоци и стандарди за да се избегнат „празнини“ во системот, како и континуирани обуки за службениците во сите институции, медиумска писменост и програми за дигитална безбедност за младите.

Мицкоски додаде дека Владата ќе отвори платформа за редовна соработка со истражувачки центри, универзитети, медиумски здруженија, граѓански организации и приватниот сектор, нагласувајќи дека проблемот е „премногу голем за да го носи само една институција“.

„Македонија ќе гради систем, не импровизација“, порача тој, додавајќи дека целта е рано препознавање на заканите, брза реакција на институциите, професионално постапување на службениците и граѓани кои ќе препознаваат манипулации.

Мицкоски заклучи дека хибридните и информациските закани ја напаѓаат довербата меѓу граѓаните, што ја прави државата ранлива, и дека задачата на институциите е да ја изградат таа доверба и да формираат силен и отпорен систем.