Најголемото и најстарото одлагалиште за авиони во светот се наоѓа покрај воздушната база Дејвис-Монтан во Тусон, Аризона. Според проценките, на „Boneyard“ се наоѓаат дури 4500 авиони чија вредност надминува 35 милијарди долари.
Одличните временски услови на оваа локација, вклучувајќи влажност на воздухот која не надминува 10–20 проценти и недостигот од нагли временски промени, ја поттикнале владата на Соединетите Американски Држави овде да ги складира своите стари, експлоатирани авиони.
Од Втората светска војна досега, тука се складирани десетици илјади авиони, вклучувајќи го и познатиот „Boeing B-29 Superfortress“.
Со одлагалиштето управува 309-та Група за одржување и регенерација на воздухопловни летала (AMARG), која е одговорна за складирањето и надзорот на авионите што пристигнуваат овде по нивното постепено повлекување од употреба во Оружените сили на САД, Американската крајбрежна стража или НАСА.
Според неофицијални процени, одлагалиштето содржи речиси 4500 авиони, меѓу кои и 40 вселенски летала. Вкупната вредност на оваа опрема надминува 35 милијарди долари. Во единицата работат над 550 луѓе кои се занимаваат со нивно сервисирање.

Оваа отпадна постројка е ориентирана кон профит. Се очекува дека секој потрошен долар ќе донесе 10 долари за возврат. Многу авиони што слетуваат овде се растураат на функционални елементи кои потоа се продаваат низ целиот свет. Резервни делови како мотори или радари се вадат и се продаваат.
Авионите и хеликоптерите што пристигнуваат во Дејвис-Монтан се конзервираат и складираат. Техничарите на „AMARG“ го отстрануваат нивното вооружување, катапулт-седиштата, моторите и електрониката која би можела да биде подложна на понатамошни оштетувања.

Потоа овие авиони темелно се мијат. Многу од нив служеле во поморски услови каде биле изложени на сол што предизвикува корозија. Сите течности (гориво, масла) се отстрануваат и се заменуваат со специјално масло кое треба да ги заштити нивните оперативни системи. Конечно, авионите се затвораат во специјални бели навлаки кои ја рефлектираат сончевата светлина и спречуваат прегревање.





















