Австриската инфлуенсерка Стефани Пајпер (32) е пријавена за исчезната откако не се појавила на закажаното фотографирање во понеделник, 24 ноември. Загрижениот фотограф одлучил да оди во нејзиниот стан во Грац, но сцената што ја видел — видливи траги од крв — го шокирала и исплашила.
Во станот го пречекало нејзиното повремено момче, Словенецот Петер М. (31), кој според австриските медиуми е неуспешен аматерски покер-играч и повремено работи како обезбедување. Тој го пуштил фотографот внатре, по што веднаш била повикана полицијата. На местото на настанот, полицијата го пронашла мобилниот телефон на Стефани фрлен во грмушки.
Следела и втора пријава од соседи кои за време на викендот слушнале „гласни звуци“ од станот на исчезнатата. Полицијата подоцна ги прочитала и нејзините последни вознемирувачки пораки. Во една од нив, испратена на пријателка преку „WhatsApp“, Стефани напишала: „Нешто се движи по скалите“, додавајќи дека личноста која ја видела изгледала како „мрачна силуета“.
Стефани последен пат била видена на 23 ноември во 7 часот наутро, на враќање од ноќен клуб во кој, според локалните медиуми, било и нејзиното момче — иако таму не се сретнале. Земала такси за да се врати дома и да го прошета својот златен ретривер. Додека се враќала кон својот стан, ѝ ги испратила последните пораки на пријателката. Еден сосед изјавил дека во тоа време го видел Петер на скалите.
Петер бил уапсен на словенечката граница веднаш по нејзиниот исчезнување. Неговиот црвен „Golf“ бил пронајден целосно изгорен во близина на Шентиљ. Наводно, тој не можел да даде никакво логично објаснување зошто автомобилот му бил запален во моментот кога словенечката полиција го привела. Во моментов се наоѓа во притвор и чека сослушување.

Словенечката полиција соопшти дека покрај него се истражуваат уште двајца мажи — братот на Петер и неговиот очув. Кучиња трагачи биле испратени во куќата на бабата на Петер за да ја пребараат нејзината градина.
Мајката на исчезнатата инфлуенсерка, Чила Легенштајн, во меѓувреме упатила јавен апел за какви било информации што би можеле да помогнат во потрагата по нејзината ќерка.
„Мојата ќерка исчезна во неделата. Секоја корисна информација ќе биде финансиски наградена. Ве молам, помогнете ми да ја најдам мојата ќерка“, изјавила таа.
















