Исени: МВР е целосно посветено на развој на нови, современи и ефикасни услуги за нашите граѓани во странство

Макфакс

26/11/2025

12:49

109

Големина на фонт

а а а

Заменик министерот за внатрешни работи, денеска се обрати на настанот посветен на презентацијата на предлог-текстот на Националната стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030, на кој присуствуваа и претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и претставници на институциите.

Во своето обраќање, заменик министерот Исени ја нагласи важноста на стратешкото и институционално унапредување на односите меѓу државата и нашите иселеници ширум светот, посочувајќи дека дијаспората претставува силен човеков, економски и општествен потенцијал кој мора континуирано да се негува и поттикнува.

„Во високотехнолошката ера кога поврзаноста меѓу луѓето и институциите е темел на секојдневното функционирање, неопходно е максимално искористување на сите човечки потенцијали. Нашите сограѓани ширум светот секогаш биле значаен дел од државата и нивното знаење, искуство и врски со татковината се капитал кој мораме постојано да го надградуваме“, истакна Исени.

Зборувајќи од аспект на Министерството за внатрешни работи, заменик министерот потенцираше дека МВР е целосно посветено на развој на нови, современи и ефикасни услуги за граѓаните во странство – преку поедноставени процедури, дигитални решенија и подобрена координација со дипломатско-конзуларните претставништва.

„Нашата цел е секој наш граѓанин, без разлика каде живее, да добие сигурна, транспарентна и брза услуга. Ова не е само прашање на подобра поврзаност, туку и на заштита на правата на нашите иселеници и јакнење на врските со татковината“, нагласи Исени.

Тој посочи дека јасното детектирање на приоритетите на дијаспората во однос на институциите е клучно за натамошни нормативни, технички и организациски подобрувања, како и за создавање функционални механизми кои ќе го олеснат нивното вклучување во развојните процеси на државата.

Заменик министерот Исени истакна дека МВР останува целосно отворено за интензивна соработка со сите релевантни институции, со цел подобра и поефикасна инволвираност на дијаспората.

На крајот, тој ја изрази довербата дека Министерството за надворешни работи, како носител на процесот, ќе го финализира документот на начин што ќе ги задоволи демократските стандарди, но и ќе даде силен поттик во градењето на долгорочни и стабилни врски меѓу државата и дијаспората.