Откако полицијата повторно ги блокираше пратениците од опозицијата кои се обидуваа да влезат во зградата на парламентот во Белград, пред зградата избувна стампедо и физичка пресметка.
Пратениците од опозицијата се обидоа да поминат низ таканаречениот Чациленд, шаторска населба пред влезот, повикувајќи се на вчерашното ветување на претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, дека ќе им биде дозволено да го сторат тоа, објавува Нова.рс.
Ćacilend upravo pic.twitter.com/XyAbgYkNsn
— Stranka slobode i pravde (@SlobodaIPravda) November 26, 2025
Ескалацијата се случи кога претставниците на Националното движење на Србија, Ѓорѓе Станковиќ и на Зелено-левичарскиот фронт, Богдан Радовановиќ, се обидоа да го отстранат шаторот поставен на самите скали пред парламентот, по што беа нападнати од луѓе од протестниот камп и полицијата.
Ова е втор ден по ред како има инциденти на влезот во парламентот. Вчера полицијата се судри со претставници на партијата Србија центар (Срце), предводена од Здравко Понош, кои исто така се обидоа да влезат на главниот влез преку Чациленд.
Токму по овој инцидент, пратениците од опозицијата, на средба со претседателката на Парламентот, Ана Брнабиќ, побараа оградата околу шаторската населба да се помести за да имаат непречен пристап до своите работни места.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера на прес-конференција изјави дека ќе има иницијатива „во врска со шаторите“. Иако не разјасни за што станува збор, неговата изјава сугерираше дека кампот наскоро би можел да биде отстранет.














