Захарова ѝ одговори на фон дер Лајен: Западот насилно ги прекрои границите на Србија

Макфакс

25/11/2025

18:01

485

Големина на фонт

а а а

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги нарече условите на Европската унија за постигнување мир во Украина апсурдни.

„По средбата со лидерите на ЕУ, Урсула фон дер Лајен ги изнесе условите на ЕУ за постигнување мир во Украина“, напиша Захарова на својот канал на Телеграм.

Конкретно, ЕУ во своите услови нагласува дека границите не можат да се менуваат со сила.

„Урсула не можеше да не слушнала за Косово. Западот прогласи и со сила спроведе еднострано прекројување на границите на Србија, спротивно на волјата на српскиот народ“, предупреди Захарова, пренесе руската државна новинска агенција РИА Новости.

Во врска со ограничувањето на големината на украинската армија, Захарова потсети дека Германија во историјата прифатила слични ограничувања за својата војска, нагласувајќи дека фон дер Лајен, како Германка, би требало да го знае тоа.

Изјавата дека Украина ја одбрала европската иднина, Захарова ја нарече најапсурдна.

„Сите добро се сеќаваме како легитимно избраниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, изјави дека земјата што тогаш легитимно ја водеше го суспендира договорот за европски интеграции затоа што ‘украинската економија и законодавство не беа подготвени за приклучување кон Европската унија’“, истакна таа.

„Во исто време, Западот го покрена Мајдан, што доведе до неуставен пуч во 2014 година и, на крајот, до воспоставување на неонацистички режим во Киев под водство на глобалното малцинство“, додаде Захарова.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата порача дека украинските граници не можат да се менуваат со сила, дека украинската армија не смее да се намалува и да се остави ранлива на напад, како и дека Европската унија мора да има централна улога во мировниот договор за Украина.

„Секој веродостоен и одржлив мировен план треба пред сè да го запре убивањето и да го заврши војувањето, а не да посее семе за идни конфликт“, наведе шефицата на Европската комисија.