Европа не може да биде безбедна без Западен Балкан, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос, наведувајќи дека државите од регионот имаат место во Европската Унија (ЕУ) како полноправни членки, пренесуваат медиумите во регионот.
Кос изјави денес во Тирана, на состанокот со лидерите на Зaпаден Балкан посветен на Планот за раст, дека денес безбедноста е една од најважните теми.
„А Европа не може да биде безбедна без Западен Балкан“, истакна Кос.
Како што изјави, ова е една грешка од минатото што ЕУ мора да ја исправи.
„Европа ве чека, вие веќе сте дел од Европа, но сега тоа треба да се постигне во институционална смисла преку членство во ЕУ“, рече Кос.
Зборувајќи за спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан и плановите за следниот период, таа рече дека има многу причини за славење.
„Но, во исто време, мора да бидеме искрени и да кажеме дека две од шесте земји сè уште не почнале да ги усвојуваат реформите“, рече Кос.
Како што наведе таа, двете земји кои најдобро спроведуваат реформи постигнаа околу 50 проценти.
Според Кос, овие примери најдобро покажуваат јасна врска помеѓу напредокот во процесот на пристапување и реформите.
Таа рече дека Европската комисија сака Планот за раст да успее, наведувајќи дека е важно соседите од ЕУ да се интегрираат што е можно повеќе во различни области и политики на Унијата, во делови од единствениот пазар, во енергетскиот пазар, но и во делот поврзан со европските вредности.
„Сакаме ЕУ да стане реалност за вашите граѓани“, рече Кос, додавајќи дека сака таа да донесе просперитет, безбедност и стабилност на целиот европски континент во време кога има надворешни противници кои би сакале да видат како таа пропаѓа.
Таа рече дека во ЕУ сакаат сите земји од Западен Балкан да напредуваат и никоја да не заостанува, додавајќи дека сите земји од регионот имаат место во ЕУ како рамноправни членови.
„И ги нагласувам членовите со полни права, бидејќи тоа е препорака за целосно усогласување со законите и вредностите на ЕУ“, истакна Кос.
Таа рече дека е потребно да се фокусираме на втората половина од спроведувањето на Планот за раст, наведувајќи дека ова е важно за граѓаните на сите земји.
Кос рече дека е важно да се работи на проекти за подобрување на транспортот, инфраструктурата, дигиталните иновации, заштитата на потрошувачите и туризмот.
„Се соочивме со недостаток на напредок во регионалната економска интеграција. Ова резултира со помал економски раст“, рече Кос, наведувајќи дека целосно заеднички регионален пазар би ги зголемил економиите за околу десет проценти.
Таа рече дека знае дека реформите не се секогаш лесни, но дека тие овозможуваат забрзување на пристапувањето кон ЕУ.
Кос рече дека земјите од Западен Балкан треба да ги подготват своите економии за единствениот пазар.
„Тие ви даваат пристап до третманот на земја-членка во некои политики на ЕУ. Покажете им на земјите-членки дека сте подготвени за поголема и подлабока интеграција во ЕУ“, рече Кос.















