Волстрит џурнал: Рубио денес ќе разговара со европските претставници за мировниот план за Украина

Макфакс

21/11/2025

09:38

107

Големина на фонт

а а а

Американскиот државен секретар Марко Рубио планира денес да разговара со европските претставници за новиот американски план за мирно решавање на конфликтот во Украина, објави „Волстрит џурнал“.

Според весникот, Рубио, кој е и советник на претседателот за национална безбедност, ќе разговара со високи европски претставници задолжени за национална безбедност.

Во текстот се наведува дека неколку високи европски дипломати изразиле надеж дека ќе им биде дадена можност да ги изнесат своите загрижености во врска со евентуалните планови за решавање на украинската криза.

Според американскиот план, како што пренесуваат западните медиуми, САД и други држави ќе треба да го признаат суверенитетот на Русија над Крим, Донбас и други територии од кои Украина ќе мора да се откаже. За возврат, Киев ќе добие американски и европски безбедносни гаранции. Ќе се формира демилитаризирана зона и украинските трупи ќе бидат повлечени од тие области. Порталот „Аксиос“, повикувајќи се на неименуван американски претставник, додаде дека линијата на контакт меѓу Русија и Украина во Херсонскиот и Запорожкиот регион ќе биде „замрзната“, а Русија ќе треба да врати дел од областите на Украина. Украинската армија значително ќе се намали и ќе ги изгуби далекуметните оружја. Планот забранува распоредување странски трупи и обезбедува државен статус за рускиот јазик. „Блумберг“ објави дека санкциите против Русија исто така ќе бидат укинати.