На неколку фронтови во здравството се работи и се вложува, а треба да се вложува уште многу повеќе од ова коешто сега се прави, бидејќи за жал многу малку е направено во минатото, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Деведесет милиони денари сепак не е малку, не е ни многу, имајќи предвид дека речиси ништо не е правено, со години, со децении, само приказни се кажувани.
Како Влада сериозно се зафативме со овој проблем. Заедно со министерот, во периодот којшто следи ќе имаме еден подолг ресорен состанок на којшто ќе ги определиме чекорите за понатаму. Ќе има сериозни реформи, и структурни, но и квалитативни, и убеден сум дека за неколку години од денеска ќе имаме комплетно нова претстава во здравството. Бидејќи често пати зборувам, ќе го повторам тоа и денеска, дека како Влада одвојуваме за здравството повеќе од една милијарда евра. Нешто што досега никогаш не било ни приближно толку направено. Да речеме само во годината за време на ковидот таа бројка била некаде околу 500-550 милиони евра. Значи сега сме, би рекол, два пати повеќе. И повторно имаме проблеми. И тоа е нешто коешто нас не вознемирува.
Луѓе алармираат, даваат одредени индиции, за одредени појави коишто не се добри, кај одредени лица, но никако да дојдеме до реализација и до доказ. Тоа е она коешто за мене претставува, како прв човек на Владата, сериозен предизвик“.
Убеден сум, нагласи Мицкоски дека во периодот којшто следи надлежните ќе дојдат и до сериозни докази за постоечките индиции коишто луѓето ги кажуваат.
„Ги повикувам да се охрабрат за да можеме заеднички, имаме ние алатки како тоа да го направиме, за да докажеме девијантно однесување. Во спротивно ќе бидеме неуспешни“.
Многу скоро од денеска, најави тој, секој еден граѓанин ќе може да почувствува дека јавното здравство нуди услуги коишто се конкурентни и квалитетни.
Им честиташе на луѓето кои се дел од јавното здравство за тоа што го прават.
„Затоа што прават вонсериски напори, вложуваат вонсериски напори, и вие самите констатиравте дека овде конкретно луѓево се за Гинис.
Затоа мора да направиме една координирана акција, како за оној персонал и за медицинските работници да обезбедиме соодветни услови, но од друга страна оние здравствени мешетари кои што го разрушуваат имиџот да ги пронајдеме и да ги санкционираме.
Затоа не можам секогаш да се сложам со луѓето коишто го напаѓаат јавното здравство затоа што тоа не е вистина. Затоа што во јавното здравство, работат луѓе коишто даваат се од себе. И јас како претседател на Владата, ќе сторам се што можам да помогнам, колку можеме во рамките на нашите можности, да направиме едно јако, силно јавно здравство“.











