Мис Јамајка, Габриел Хенри се сопнала и паднала од сцената за време на прелиминарната вечер на изборот за Мис Универзум во Тајланд, а снимките кружат на социјалните мрежи.
На снимките кои се појавија се гледа моментот кога Хенри, облечена во долг, лелеав портокалов фустан, одеднаш исчезнува од работ на сцената. На друга снимка може да се види како ја изнесуваат на носилки.
Во објава на својот Инстаграм профил, Раул Роча, сопственикот на изборот за Мис Универзум, проговори за нејзиниот пад.
„Сакам да го известам Мис Универзум „семејството“, кое е загрижено за здравјето на нашата Мис Универзум Јамајка, дека на полноќ по тајландско време ја напуштив болницата каде што се лекува. Бев таму со нејзиното семејство и неа, и за среќа нема скршеници на коските и таа е во добра здравствена состојба“, напиша тој.
Организацијата на Мис Универзум Јамајка, меѓу другото, изјави дека таа е префрлена во болницата Паоло Рангсит и дека нејзиниот живот не е во опасност, но дека лекарите вршат дополнителни тестови.
„Љубезно ве молиме сите да останат оптимисти и да испраќаат позитивни мисли додека таа ја добива потребната медицинска нега. Им благодариме на сите за нивната љубов, поддршка и континуирани молитви“, соопштиле тие.
Другите манекенки кои се натпреваруваат на Мис Универзум ѝ посакале брзо закрепнување. Инаку финалето на ова натпреварување ќе се одржи на 21 ноември, а ова е неговото 74-то издание. Минатогодишната победничка Викторија Кјар Теилвиг од Данска ќе ја предаде круната на новата Мис Универзум.







