Паоло Малдини е жива легенда на Милан и беше дел од клубот до пред две години, но поради конфликт со актуелните раководни структури, на крајот беше отпуштен и оттогаш многу ретко говори за случувањата во Милано.
Славниот стопер кој заврши одлична работа и како спортски директор беше еден од најзаслужните за освоеното Скудето под водство на Стефано Пиоли, но бидејќи разделбата со Милан не беше воопшто лесна, Паоло признава дека со тешко срце зборува за Милан од 2023-та година наваму.
– Сè уште ми е тешко да зборувам за Милан, но среќен сум за актуелната позиција на тимот во Серија А. Тоа е далеку подобро од неодамнешното минато, – изјави Малдини, кој не дава преголемо значење на големото дерби кое следи со Интер.
– Дерби рундата стана навистина чудна во последните години. Ние загубивме шест или седум пати од нив и го освоивме Скудетото, а кога почнавме да ги победуваме како лани, работите сега не одат добро за нас. Дербито нема никакво значење во успехот кој се остварува на крајот од сезоната, – потенцира Паоло.
На почетокот на овој месец, Малдини почна да се поврзува со Фиорентина како потенцијален наслендик на спортскиот директор Даниеле Праде, но Малдини вели дека тој не би работел за друг клуб во Италија.
– Ми се јави братучедот за тие гласини, но немаше ништо околу тоа. За мене постои само еден клуб во Италија, така ќе биде засекогаш, – завршува Паоло.







