Оваа европска земја има решение за сообраќајниот метеж и загадувањето – се воведуваат казни за оние кои се возат сами во автомобил

Точка

19/11/2025

20:02

1.264

Големина на фонт

а а а

Европската земја има решение за еден голем проблем со којшто се соочуваат голем број од земјите во светот – загадувањето предизвикано од автомобили и метеж во сообраќајот.

Шпанија ги воведува првите радари кои го детектираат бројот на патници во возилото и ги казнуваат оние кои се возат сами. Генералната дирекција за сообраќај (DGT) потврдила дека овие радари наскоро ќе почнат да издаваат казни за автомобилите со само едно лице внатре.

Првите камери ќе бидат поставени на автопатот А-2, главната сообраќајница меѓу Мадрид и Алкале де Енареса, кога на почеток на 2026 година ќе биде отворена новата Bus-VAO лента за возила со повеќе патници. Од тој момент, секој којшто ќе биде фатен да се вози сам на оваа означена лента, автоматски ќе биде казнет.


Поттик за Шпанците да го делат превозот

Најновиот потег на DGT е дел од пошироката шпанска стратегија за решавање на еден од најголемите сообраќајни проблеми во земјата, премногу возила во кои седи само еден возач. Според официјалните податоци, во најголем дел од градовите во текот на најголемиот метеж, дури 85 отсто од автомобилите се пополнети со само еден човек.

Директорот на сообраќај, Пере Наваро за тоа говори со месеци:

„Во секој автомобил да има по две лица, би имале половина помалку возила, половина помала потрошувачка на гориво и половина помала емисија. Нашата инфраструктура не е проектирана за 50 милиони луѓе, нејзините лимити стануваат очигледни“, изјавил претходно годинава.

Пораката е јасна: Шпанските патишта се преоптоварени, а делењето на превозот повеќе не е прашање на избор.

Таа филозофија сега преминува во пракса. Новата лента за возила со повеќе патници на А-2 ќе биде целосно автоматски под надзор со комбинација од читач на регистарски таблички и камера за детекција на бројот на патници. За разлика од старите VAO ленти, повеќе нема да има полицајци кои рачно проверуваат, туку сега технологијата ќе го преземе тоа.


Како ќе функционира системот?

За разлика од класичните издвоени ленти, новата VAO лента на А-2 ќе биде подинамична. Левата лента во текот на метежот ќе стане лента за возила со повеќе патници, а надвор од метежот се враќа во нормален режим.

Ќе биде резервирана за возила со најмалку две лица, јавен превоз, мотоцикли и итна служба.

Интересно е тоа што ниту возилата без емисија (со сина еколошка ознака) нема да имаат протекција туку и тие ќе мора да имаат најмалку по двајца патници за да ја користат VAO лентата.

DGT наведува дека лентата ќе биде јасно означена со LED маркери, нови сообраќајни знаци и динамични панели, со вложување од 3,9 милиони евра. Според првичните информации би можела да биде обоена во црвена боја за веднаш да биде препознатлива.

Иако официјалната технологија сѐ уште не е претставена, се очекува системот да користи термални камери, слични на оние кои веќе работат на францускиот автопат А-83 меѓу Нант и Бордо. Овие камери ќе ги мерат топлотните траги во возилото за да се утврди бројот на патници.