Ослободен пилотот кој сакаше да ги изгасне моторите за време на лет – земал психоделични супстанци: „Мислев дека сонувам“

Макфакс

18/11/2025

18:50

219

Големина на фонт

а а а

Поранешниот пилот на „Алјаска ерлајнс“, Џозеф Емерсон, кој се обиде да ги изгаси моторите на патнички авион за време на лет во октомври 2023 година, нема да поминува повеќе време во затвор, одлучи американски федерален судија.

Емерсон е осуден на веќе отслужена казна во притвор и три години под надзор, пишува „Скај њуз“.

Инцидентот се случил на летот од Еверет, Вашингтон до Сан Франциско. Емерсон, кој во тоа време бил надвор од должност, седел во пилотската кабина на седиштето за помош. Се обидел да ги изгасне моторите.

Брзата реакција на екипажот спречила катастрофа, а авионот со повеќе од 80 патници и членови на екипажот беше пренасочен кон Портланд, објавува „Индекс“.

По апсењето, Емерсон им кажал на полицајците дека земал психоделични печурки два дена пред летот и дека не спиел повеќе од 40 часа.

Тој тврдел дека бил вознемирен поради смртта на својот пријател и дека во времето на инцидентот мислел дека сонува и се обидува да се разбуди.

На судот во Портланд, судијката Ејми Баџо го нагласи човечкиот фактор во случајот.

„Пилотите не се совршени. Тие се луѓе. Тие се луѓе и на сите луѓе понекогаш им е потребна помош“, рече таа.

Емерсон помина 46 дена во притвор пред да биде ослободен во декември 2023 година под услов да побара помош за ментално здравје, да избегнува дрога и алкохол и да се држи подалеку од авиони. Адвокатот на Емерсон рече дека неговиот клиент отишол на лекување од „нарушување од употреба на алкохол“ откако бил ослободен од затвор и оттогаш е трезен.

Самиот Емерсон се обрати пред судот со каење.

„Јас не сум жртва. Јас сум тука како директна последица на моите постапки. Можам да ви кажам дека овој многу трагичен настан ме натера да растам како индивидуа“, рече тој.

Обвинителот Џефри Бароу нагласи дека животите на 84 лица биле во опасност и дека екипажот ги спасил сите со својата интервенција.

Покрај федералните обвиненија за попречување на работата на екипажот на летот, Емерсон се соочи и со одвоено државно обвинение во Орегон. Таму беше обвинет за 83 обвиненија за загрозување на друго лице и едно обвинение за загрозување на летање.

По тие обвиненија, тој беше осуден на 50 дена затвор, со пресметување на времето поминато во притвор, пет години условна казна и 664 часа општествено корисна работа.