Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: Моника Зајкова, шефица на Делегацијата; Мимоза Муса, членка и Ели Панова, заменик-членка на Делегацијата, учествува на 23. Есенски состанок на ПС на ОБСЕ, што се одржа од 16 до 19 ноември 2025 година во Истанбул, Турција.
Во време кога се одбележуваат 50 години од формирањето на ОБСЕ, оваа парламентарна конференција беше отворена со засилени апели за ревитализирање на мултилатерализмот преку дијалог и соработка.
Првата сесија на оваа парламентарна конференција се фокусираше кон премостување на перспективите и зајакнување на дијалогот, медијацијата и довербата во ерата на неизвесност. На оваа сесија свое обраќање имаше пратеничката Моника Зајкова, која истакна дека меѓународниот пејзаж е обележан со длабока сложеност затоа што конфликтите продолжуваат, а геополитичките тензии се заоструваат.
Во време кога дезинформациите се шират и довербата на граѓаните во институциите се намалува потребна е поголема посветеност кон дијалогот, соработката и споделената одговорност. Затоа е потребно да се имаат предвид основачките принципи на ОБСЕ дека безбедноста е неделива, односно дека сите зависиме едни од други. Таа посочи дека дијалогот е најважната алатка за зачувување на мирот и дека преку отворени канали на комуникација може да се отфрли стравот, да се исправат дезинформациите.
Пратеничката Зајкова заклучи дека без разлика дали неизвесностите доаѓаат од геополитички, економски, технолошки или еколошки предизвици, секогаш бараат обновен дух на солидарност и одговорност. Премостувањето на перспективите не значи елиминирање на разликите, туку создавање простор за нивно разбирање, за нивно управување со можност за трансформирање во мир.
На оваа есенска конференција учествуваат околу 200 пратеници, претставувајќи 53 земји учеснички на ОБСЕ, како и неколку парламентарци од медитеранските партнери за соработка.
Говорниците повикаа на праведен мир во Украина, нагласувајќи дека сите преговори мора да го вклучат Киев на масата, како и пат кон долгорочен мир на Блискиот Исток врз основа на признавање на две држави.
Во своето обраќање, претседателот на ПС на ОБСЕ, Пере Жоан Понс (Шпанија), зборуваше за ерозијата на некогаш преовладувачкиот оптимизам низ Регионот на ОБСЕ, но сепак изрази надеж за иднината. Тој истакна дека Европа повторно гледа во бездната на војната, што се гледа преку Украина, а трагично, недалеку оттука, во Газа.
Во овој поглед, тој истакна дека Собранието ќе продолжи со ангажманот во Јужен Кавказ, работејќи со сите политички сили за да помогне во зајакнувањето на демократијата и дијалогот и повика на продлабочување на парламентарната соработка со сите земји од Централна Азија. Тој, исто така, ја нагласи важноста на економската и еколошката димензија на безбедноста, истакнувајќи ја особено работата на ПС по прашањето на климатските промени.
Генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Х. Синирлиоглу, истакна дека ОБСЕ има инклузивност, легитимитет, искуство и историска меморија да покаже дека дијалогот и соработката се сè уште можни и секако потребни, особено во најтемните времиња.
Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.















