На денешната прес-конференција пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, информираше дека на почетокот на декември ќе биде свикана седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, по претставка поднесена од родителите на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани. На седницата ќе присуствуваат и самите подносители, со цел нивната претставка формално да се разгледа пред пратениците.
Мециновиќ посочи дека процесот се движи паралелно со судската постапка помеѓу пратеникот и претседател на комисијата Димитар Апасиев и спикерот Африм Гаши, поради тоа што Гаши го укина обидот за организирање надзорна расправа.
Тој потсети дека ИРЛ јавно апелираше до сите пратеници да поддржат иницијатива за надзорна расправа, а дека првиот потпис го дал пратеникот Борислав Крмов. Мециновиќ посочи дека Левица обезбедила шест потписи и била подготвена во секој момент да ја комплетира листата, но за надзорна расправа се потребни 15, а за посебна анкетна најмалку 12 потписи.
„Ќе ги повикам сите пратенички групи, и ВМРО-ДПМНЕ, и ЗНАМ, и Вреди, и СДСМ, и ДУИ – да се приклучат. Посебно опозицијата која вчера најави дека ќе иницира надзорна и анкетна расправа за пожарот. Ние сме подготвени да ги дадеме нашите шест потписи,“ истакна Мециновиќ, додавајќи дека смета дека условите за таква седница се веќе созреани.
Тој упати забелешка дека партијата на Венко Филипчев, како дел од опозицискиот блок, имала неколку месеци да се приклучи на иницијативата. „Што се чекаше толку долго?“ праша Мециновиќ.
Пратеникот нагласи дека Левица преку комисијата со која претседава Апасиев ќе продолжи да го турка процесот пред почетокот на секоја седница, сè додека не се закаже надзорната расправа.
„Имаме надеж дека ќе се случи надзорната расправа или посебната анкетна комисија. Сметаме дека условите се зрели. Нема оправдувања и затоа искрено се надевам дека ќе успее оваа општествена потреба. Да утврдиме каде потфрлиле институциите, за да можеме во иднина да спречиме да постојат времено темпирани бомби во нашето општество каде што можат да настрадаат наши сограѓани,“ рече тој.
Мециновиќ најави дека следната недела Апасиев ќе одржи прес-конференција на која ќе бидат изнесени сите детали за иницијативата и понатамошните чекори.











