Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека иднината на неговата земја несомнено лежи во Европската Унија, но дека блокот мора сериозно да се реформира. Во интервју за „Будапест Тајмс“, Орбан нагласи дека Унгарија е „дел од западната христијанска култура“ и затоа напуштањето на Унијата е исклучено, но дека сегашниот модел на функционирање на ЕУ не е одржлив.
Според него, централна тема на претстојните избори во Унгарија ќе биде зачувувањето на националниот суверенитет. Орбан ги обвини институциите во Брисел дека финансиски и политички ги поддржуваат опозициските структури во Унгарија и дека се обидуваат да влијаат на внатрешните процеси во земјата преку „економски притисок и уцена“.
„Брисел се обидува економски и финансиски да ја задави Унгарија“, рече унгарскиот премиер, нагласувајќи дека суверенитетот мора да остане основа на европскиот политички систем.
Осврнувајќи се на војната во Украина, Орбан оцени дека „страните се многу блиску до мир“, што укажува дека има простор за интензивирање на дипломатските напори.







