Топ 10 тенисер губи 13-0 против Синер, но порачува: Знам како да го победам

Дерби

18/11/2025

10:51

141

Големина на фонт

а а а

Јаник Синер дојде до уште еден голем резултат во кариерата и ја освои титулата на завршниот турнир во Торино.

Тој одигра без грешка на овој настан, ги доби сите пет натпревари и едноставно покажа зошто е најдобар на светот заедно со Карлос Алкарас.

На патот до овој успех Јаник запиша нова победа против тенисерот кого едноставно го гази иако истиот е во Топ 10 на АТП листата. Се работи за Алекс Де Минор кој сега има негативен учинок 0-13, но тврди дека знае како да го победи Италијанецот.

- Многу пати сум играл против Синер и иако многу луѓе не веруваат во тоа, знам како да го победам. Проблемот е што не е толку едноставно. Мора да ја удирате топката многу силно, многу право, многу длабоко и многу блиску до линиите. Се обидувам, но тоа не е најлесната работа на светот.

- За да имам шанса, чувствувам дека морам добро да сервирам во текот на целиот натпревар. Во вториот сет мојот сервис малку падна, можеше да биде подобро. Ако не сервирам многу добро, јас сум во проблеми, - вели Австралиецот и додава:

- Продолжувам да мислам дека имам уште многу да дадам. Сè уште не сум го достигнал својот врв, но морам да внимавам колку ги поместувам своите граници и колку притисок си ставам на себе, бидејќи тоа ме води кон мрачни мисли. Морам да најдам здрава рамнотежа, - заврши Алекс.