Специјалниот американски претставник Стив Виткоф утре ќе ја посети Турција и ќе се придружи на разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави денес Ројтерс, повикувајќи се на турски извор.
Зеленски претходно изјави дека планира да замине за Турција во среда по денешната посета на Шпанија.
Зборувајќи за претстојните состаноци со шпански и турски претставници, Зеленски во објава на Фејсбук рече дека приоритет на Украина е да ги обнови мировните преговори и да ја заврши војната што е можно поскоро.
Зеленски рече дека Украина, исто така, работи на продолжување на размената на затвореници со Русија.
Тој нагласи дека средбата со шпанските претставници долго се подготвувала и дека Киев очекува уште една силна земја да помогне во приближувањето на крајот на војната.
Зеленски во понеделник ја посети Франција, која ја нарече една од најпродуктивните оваа година, а Елисејската палата објави дека Украина ќе купи до 100 авиони „Рафал“, опрема за воздушна одбрана и беспилотни летала од Франција.







