Европска недела на ХИВ и СПИ тестирање: „Тестни се! Прегледај се бесплатно, доверливо и безбедно“ ХИВ не избира – но секој може да избере да се тестира
Во време кога терапијата за ХИВ е достапна и ефективна, најголемиот ризик е да не го знаеш својот ХИВ статус. Навременото тестирање значи здравје, контрола и мир.
Во рамки на Европската есенска недела на ХИВ и СПИ тестирање, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ги повикува сите граѓани на бесплатно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции (СПИ), кое се спроведува во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно, од 17 до 21 ноември, секој ден од 15.00 до 18.00 часот.
ХИВ денес е контролирана здравствена состојба, кога е откриена навреме. Луѓето кои редовно се тестираат и се на терапија имаат недетектибилен вирус, што значи дека не можат да го пренесат ХИВ преку сексуален пат.
Освен за ХИВ, во текот на неделата граѓаните можат да се тестираат и за сифилис, гонореја, кламидија, хепатит Б и хепатит Ц, со резултати готови за најмногу 30 минути.

Тестирањето е анонимно, бесплатно и доверливо, а го спроведуваат обучени здравствени работници и советувачи во пријателска и безбедна средина.
Редовното тестирање е чин на свесност и одговорност, затоа што здравјето на заедницата почнува од секој поединец.
Како да закажете тестирање: Со јавување во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно на телефонскиот број 070 227 386 или 02/3176 – 950; Преку оналјн закажување на преглед на следниов линк; или со посета на Младински центар „Сакам да знам“ на Водно на ул. Елисие Поповски Марко бр.2
„Грижата за здравјето започнува со еден едноставен чекор. Тестни се! Твое право е да се чувствуваш здраво! Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство. Европската недела на ХИВ тестирање е Европска иницијатива со цел зголемување на пристапот до тестирање за ХИВ и СПИ и подигнување на свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на зголемен ризик“, велат оа ХЕРА.











