Мерц му порача на Зеленски: Германија очекува Украина да продолжи со борбата против корупцијата

Макфакс

13/11/2025

17:31

128

Големина на фонт

а а а

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа по телефон за скандалот со корупција во енергетскиот сектор на Украина, објави денес германската влада.

Во соопштението се наведува дека Зеленски ветил целосна транспарентност, долгорочна поддршка за независните антикорупциски тела и понатамошни брзи мерки за враќање на довербата на украинскиот народ, европските партнери и меѓународните донатори.

Се забележува дека Мерц му пренел на Зеленски дека германската влада очекува Украина енергично да продолжи со борбата против корупцијата и понатамошните реформи, особено во областа на владеењето на правото, објави Ројтерс.

Врховниот антикорупциски суд на Украина одреди притвор со можност за плаќање кауција од 1.958.900 евра за друг вработен вклучен во случај на корупција и перење пари во енергетскиот сектор, објави Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САП).

Операцијата, спроведена од Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ), откри шема на криминална организација што влијаела на стратешки претпријатија од државниот сектор, вклучувајќи го и „Енергоатом“, објави Укринформ.

Досега се идентификувани седум осомничени: бизнисмен, за кој се верува дека е наводен водач на криминална група, поранешен советник на министерот за енергетика, извршниот директор за физичка заштита и безбедност на „Енергоатом“ и четворица вработени во службата за перење пари.

Досега се приведени петмина од седумте осомничени.

Украинската министерка за енергетика Светлана Гринчук и министерот за правда Герман Галушченко поднесоа оставки во средата откако нивните имиња се појавија во истрагата на украинската Национална биро за борба против корупција (НАБУ) за проневера во државната компанија „Енергоатом“.

Претходно, премиерката на Украина, Јулија Свириденко, објави дека доставила до украинскиот парламент, Врховната рада, предлог за разрешување на министерката за енергетика Светлана Гринчук и министерот за правда Герман Галушченко.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно јавно побара оставка од Гринчук, велејќи дека „сите вклучени во корупциски шеми во енергетскиот сектор мора да бидат казнети, без исклучок“.

Националното биро за борба против корупцијата на 10 ноември објави дека е спроведена широка операција наречена „Мидас“, со цел разоткривање на корупцијата во енергетскиот сектор.

Како дел од операцијата, беа извршени повеќе од 70 претреси, а истражителите тврдат дека откриле шема со која се „исперени“ околу 100 милиони долари.

Компанијата „Енергоатом“ објави дека целосно соработува со истражните органи и дека ги доставува сите барани документи, нагласувајќи дека „поддржува транспарентна истрага“.

На рочиштето на 11 ноември, обвинителот објави пред судот дека Герман Галушченко, поранешниот министер за национално единство Алексеј Чернишов и бизнисменот Тимур Миндич се исто така меѓу осомничените во случајот „Енергоатом“, објави Танјуг.