Филипче ќе го номинира Александар Трајановски за потпретседател на СДСМ, вечерва ќе соопшти и други кадровски промени

Макфакс

13/11/2025

16:00

530

Големина на фонт

а а а

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека вечерва ќе се одржи седница на Извршниот одбор на која ќе се разгледуваат повеќе кадровски и политички промени во партијата. Тој посочи дека процесот на внатрешни реформи се одвива постепено и по јасен план.

Филипче откри дека ќе предложи докторот Александар Трајановски да ја преземе функцијата потпретседател на СДСМ.

„Трајановски е човек кој долго време му е посветен на СДСМ, а неговата кампања покажа дека знае да мобилизира поддршка и да привлече внимание. Верувам дека со неговото вклучување ќе добиеме значајно кадровско засилување,“ рече Филипче.

Тој потврди дека на вечерашниот состанок ќе бидат презентирани и други промени, повикувајќи на трпение од членството и симпатизерите додека трае внатрепартискиот процес.

Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Аеродром. Тој е специјализиран ортопед и трауматолог. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2006 година. Во 2012 година ја завршил специјализацијата по ортопедија, а во 2019 година и субспецијализацијата по трауматологија. Тој е поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

Трајановски е активен и во политичката сцена како член на Извршниот одбор на СДСМ.