„Јавното здравство троши сè повеќе, а дава сè помалку“, истражување на Центарот за граѓански комуникации за јавните набавки во здравствениот сектор од 2015 до 2024 година

Макфакс

11/11/2025

18:40

406

Големина на фонт

а а а

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за јавните набавки во здравствениот сектор во периодот од 2015 до 2024 година.

Истражувањето „Јавното здравство троши сè повеќе, а дава сè помалку“ покажа дека:

» Трошоците за јавни набавки во здравството во последните 10 години се зголемија два и пол пати, односно од 126 милиони евра во 2015 на повеќе од 315 милиони евра во 2024 година. Инфлаторните фактори не се доволни за да се објаснат огромните скокови во вредноста на набавките;

» Постои јаз помеѓу зголемената вредност на јавните набавки наспроти падот на дадените услуги во јавните здравствени установи, што отвора сериозни сомнежи дека јавните набавки се користат како канал за финансиско извлекување средства,ж наместо како инструмент за унапредување на здравствената заштита;

» Најголем раст на вредноста на јавните набавки е забележан кај клиниките и болниците. Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност – тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува. Во периодот 2015 – 2024 година бројот на прегледи во вкупно 55 клиники и болници е намален 14 %, а на болнички денови 24 %;


» Растечките трошоци за јавни набавки не може да се оправдаат ниту со специјалистичките прегледи. Во последните три години е евидентиран пад на специјалистичките прегледи за речиси 700.000, односно 19 %. Намалувањето на бројот на здравствените услуги во гинекологијата и акушерството, како и во трансфузионата медицина, надминува 60 %;

» Со оглед на тоа што сè уште не е воспоставен националниот систем за материјално-финансиско работење во јавните здравствени установи како законска обврска предвидена уште од 2015 година, големите разлики во вредноста на тендерите наспроти дадените услуги упатуваат на висок ризик од злоупотреби, односно на тоа лековите и реагенсите да не се искористени за пациентите во јавните здравствени установи;

» Големиот раст на вредноста на јавните набавки во здравството е проследен со сè помал број понудувачи на тендерите. Речиси половина од вредноста на договорите се склучуваат во тендерски постапки во кои имало само по еден понудувач;

» Тендерите за набавка на реагенси и тестови во најголем дел се само формалност бидејќи се спроведуваат за веќе избран апарат, што значи дека уште пред да почне постапката јасно е кој ќе го добие тендерот. Апаратите се претходно добиени како донација, земени на користење од фирми што продаваат реагенси или, пак, купени;

Набавките на реагенси и тестови на годишно ниво достигнуваат и до 29 милиони евра и се зголемиле 81 % во периодот на анализа.


» Двогодишните тендери за набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи и сензори за мерење гликемија, вредни и до 39 милиони евра, се спроведуваат во постапки во кои отсуствува конкуренција, а дополнително склучените договори се анексираат. За период од 10 години, бројот на пациенти на инсулинска терапија е зголемен 21 %, а вредноста на договорите 77 %. Програмите за обезбедување инсулин од година на година се сè покуси, а извештаите за реализација на програмите не се објавуваат редовно и недостига јавен отчет за потрошеното;

» Тендерите за вакцинацијата на населението се финансиски сè поголеми, а набавките во одредени години се проследени со слабости – од планирање до неуспех договорите да се склучат навреме;

» Трошоците за лекови за ретки болести во последната деценија скокнале од 1,5 милион на 19 милиони евра. Овој голем пораст се случува во услови кога Државниот завод за ревизија укажува дека Министерството за здравство нема целосни податоци за тоа дали терапиите навистина ја подобруваат здравствената состојба на пациентите. Причината е што за поголемиот дел од болестите за кои се набавуваат лекови не се спроведува евалуација, како што е предвидено со Програмата за лекување ретки болести;

» Еден од факторите на корупција е и немањето доволно квалификуван кадар за спроведување на набавките. Истражувањето открива дека од 110 здравствени институции, дури во 23 нема ниедно лице со положен испит за јавни набавки, што е спротивно на Законот за јавните набавки;

» Без ефикасни механизми за надзор и следење, големи суми јавни пари ризикуваат да се потрошат, без да се постигнат пропорционални подобрувања.

До целото истражување може да се прочита на следниот линк.